28 септември, 2024 г.
Вчера нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид беше домаќин на уметничка средба на која гости беа членови на Македонското културно уметничко друштво „Св Кирил и Методиј“ од Пула, Хрватска, предводени од претседателката на друштвото Милена Златеска.
Таа говореше за нивното друштво и за Македонците како малцинство во Хрватска и нивната целосна вклученост во секојдневието. И наброја многу проекти пред се’ од областа на културата кои со децении се помагани и веќе стануваат континуитет.
Нивната пејачка група отпеа неколку македонски и хрватски песни карактеристични за регионот Истра а потоа нивни поети прочитаа свои лични творби во кои имаше и стихови инспирирани од Охрид.
По гостите од Пула се преставија и поетесите од Скопје: Оливера Јовановски, Виолета Наумовска, Елеонора Николова и Викторија Македонска.
Настанот го заокружија домаќините – поети: Мирко Томовски, Славе Ѓорѓо Димоски, Марина Димовска, Ана Цветановска, Митко Колјушески и Трифун Ѓорѓиоски.
Градовите Охрид и Пула се пред збратимување и овој културен мост одржан во библиотеката е само вовед во идната соработка.
Директорот на нашата Библиотека м-р Милчо Јованоски на претседателката Милена Златеска и’ врачи благодарница за ширење на македонската култура и јазик. Таква благодарница доби и МКД „Св. Кирил и Методиј“.
На гостите од Пула им беа подарени и книги од најновата продукција од македонски автори за возрасни за деца со што тие ќе ја збогатат нивната библиотека а дел од книгите ќе можат да ги користат и учениците во Пула кои посетуваат дополнителна настава на македонски јазик.
Повеќе фотки на нашиот фејсбук профил.
НУ Библиотека