27 септември, 2024 г.
По сопствена желба и интерес во текот на летото, редовните читатели покрај колегите библиотекари на пултот за зајмување често се среќаваа со ученикот- волонтер Мартин Трајчески од Охрид .
Мартин сега е втора година во колеџот „Јахја Кемал“ и е голем вљубеник во читањето и светот на книгите. Го замоливме за свој коментар по дружбата со библиотекарите и читателите и ве што ни рече:
-Книгата е подарок кој можеш да го отвориш повторно и повторно. Јас, како голем читател и член на градската библиотека во Охрид силно го држам овој цитат во моето срце. Но, мојата бескрајна љубов кон книгата не можеше да заврши само со читањето. Сепак, не е возможно во еден живот да се прочита сета ризница на книги. Затоа, се одлучив да работам со нив. Така, ми дојде идејата за волонтирање во НУБ „Григор Прличев“- Охрид.
Во тој еден месец и половина, односно 90 часа поминати волонтирајќи, се стекнав со огромно богатство. Благодарение на гостопримството на сите вработени во библиотеката, веднаш научив многу работи за книгите кои не ни мислев дека се реални.
Подредувањето на книгите како цигли на знаењето ми правеше големо задоволство. Гледајќи низ познатите и помалку познати наслови се мислев колку сме среќни што имаме вакво изобилство на животни приказни и лекции. Многу сум благодарен што сум ја имал среќата за ова прекрасно поминато лето и ново стекнатите вештини и се надевам дека ќе продолжиме да соработуваме со библиотеката, ни рече Трајчески.
Во знак на благодарност за помошта и покажаниот интерес директорот на Библиотеката м-р Милчо Јованоски на младиот Мартин му врачи благодарница но и избор книги од македонската и светската книжевна продукција.
НУ Библиотека