19 август, 2024 г.
Неодамна во посета на ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид беше проф. д-р Џефри Меккинон, авторот на популарната книга „Нашите древни езера“ (OUR ANCIENT LAKES, A Natural History).
Тој е професор на Универзитетот на Источна Каролина во Гринвил, Северна Каролина, САД, и со посебна посветеност сознанијата и личните искуства за заштитата на старите езера им го пренесува на читателите.
Проф. Меккинон на заминување од Охрид оставил и примерок за нашата Библиотека која колегите од ЈНУ Хидробиолошки завод ни ја предадоа и книгата чека ред за стручна обработка кај нас.
На овој начин таа ќе стане достапна за научната фела, за учениците и студентите во Институтот, така и за читателите на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.
Пишувајќи за неочекуваната разновидност, убавина и посебност на животот во древните езера — стари неколку милиони години, како и за извонредните сознанија што ги даваат езерата за причините за биолошката разновидност, проф. Меккинон ја остварува својата мисија, да ја потенцира важноста на старите езера како за одржување на скапоцениот биодиверзитет, така и за опстојување на човековата цивилизација и сè што живее во овие езера, со дарот кој го содржат, питката свежа вода, највредниот ресурс за опстојување на животот.
Потенцирајќи ја важноста на Охридското Езеро и другите стари езера како: Бајкалското, Тангањика, Титикака, Матано, Викторија, Касписко, Малави и други, како жаришта на биодиверзитетот, споредувајќи ги со коралните гребени на океаните и тропските шуми, на пристапен и лесно приемчив јазик ги пренесува единствените чуда на овие ранливи водни тела.
НУ Библиотека