Министерството за култура одобри 19 проекти на НУ Библиотека „Григор Прличев“

Министерството за култура одобри 19 проекти на НУ Библиотека „Григор Прличев“

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 09 Feb 2024

9 февруари 2024 г.

Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска вчера на прес по повод објавувањето на резултатите од Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2024 година рече дека вкупните средства наменети за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2024 година изнесуваат  867 милиони и 600 илјади денари или 14 милиони евра.

Од овој финансиски колач НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид ќе добие околу 1 200 000 денари за 19 проекти што се близу до средствата одобрени и реализирани во претходната 2023 година.  Вработените се задоволни од одобрените средства и проекти преку кои ќе продолжи трендот на успешно работење на библиотеката и нејзино отворање на локален, државен и меѓународен план.

Во годишната програма за работа на Библиотека доминираат 15 проекти од библиотечната дејност. Вработените ќе бидат фокусирани на реализација на почетната фаза од дигитализација на библиотеката, збогатувањето на книжниот фонд во детското и одделението за возрасни и заштитата на библиотечните добра, но и на заштитата на стари и ретки книги по пат на конзервација и реставрација, а ќе има пари и за континуирани обуки на вработените. Од проектите кои значат вклучување на читателите и граѓаните ги издвојуваме: Втората годишна средба на роднокрајните писатели, Читаме гласно и раскажуваме, Книгата , најдобриот другар на децата и Книгата поблиску до старите лица кој ќе се реализира во соработка со Црвен крст – Охрид. Средства ќе има и за проектот Млади библиотекари, како и за работата на книговезницата. За првпат со помош од стручни – надворешни лица оваа 2024 библиотеката ќе го спроведе проектот: „Слушај музика, напиши збор, насликај книга“.

Во делот на издавачко – литературната дејност Министерството за култура на Библиотеката и одобри три проекти. Првото издание на фестивалот на поезијата „ Слушни го езерото“ е планиран за 20 и 21 јуни за Денот на Езерото а во соработка со библиотеките од Струга и Поградец.

Библиотеката доби средства за печатење на книгата „Црковните и манастирските библиотеки во Охрид“ од м-р Мариче Боздоганова како и за настанот „Бранко Цветковски – 70 години живот и 50 години творештво“. Во делот на инвестициите годинава библиотеката доби средства за делумна обнова на канцеларискиот мебел.

Надвор од годишната програма финансирана од страна на Министерството за култура менаџментот на библиотеката најавува и низа други настани кои ќе се плод на креативноста на вработените а финансиски  делумно покриени од сопствени средства и други спонзори и донатори.

НУ Библиотека