ТВМ Охрид: Годишно бесплатно членство во НУ Библиотека „Григор Прличев“

ТВМ Охрид: Годишно бесплатно членство во НУ Библиотека „Григор Прличев“

Posted by Milco Jovanoski in Огледало 06 Oct 2023

6 октомври, 2023 г. 

Националната Установа Библиотека “Григор Прличев” Охрид, денес стекна голем број нови млади читатели, кои во текот на наредната година бесплатно ќе може да ги користат услугите на библиотеката.

Во соработка со Градската библиотека, Црвен крст Охрид во рамки на одбележувањето на Неделата на млади лица организираше отворен ден во библиотеката за сите млади читатели. Целта на оваа активност е поттикнување на љубовта кон книгата и читањето меѓу младите. Јана Џамтоска, активистка при Црвен крст Охрид, вели нејзин омилен автор е Џејн Остин.

„Секоја година ЦК Охрид во соработка со ЦК на Република Македонија, на почетокот на месец Октомври ја организира и одбележува неделата на млади и по тој повод во соработка со Националната Установа Библиотека “Григор Прличев” – Охрид, овој ден го посветуваме на сите млади читатели до 29 години кои ќе дојдат да добијат бесплатно годишно членство, а со тоа да се поттикне љубовта кон книгите во нашиот град“, – вели Јана Џамтоска – Активистка црвен крст Охрид.

Традиционално, во периодот од 1 до 7 октомври, Црвен крст на Република Северна Македонија ја одбележува Неделата на младите. Во текот на оваа недела, Клубовите на млади при општинските организации на Црвениот крст ги промовираат своите активности, својот труд и работа, како и волонтирањето меѓу младите. Целта на оваа акција не се парите, вели првиот човек на градската библиотека, туку едноставно да се негува љубовта кон книгата и навиката кон читање на книга.

„Поентата, не е можеби толку во парите, зошто ако споредите што можете да направите со 300 денари денеска, а да читате цела година. Најмногу е битно што книгата е богатство, а ние сакаме да ја приближиме книгата до оваа популација, која понатаму ќе може да ја препорачува на други помлади генерации а на повозрасни, да се зачленат да читаат и да го минуваат времето во светот на убавите нешта“, – објасни Милчо Јованоски – директор на Н У Библиотека “Григор Прличев” – Охрид.

Одбележувајќи ја Неделата на млади, волонтерите на Црвен крст Охрид, покрај тоа што го промовираат доброволниот ангажман на младите, упатуваат порака до своите врсници да се приклучат кон хуманото семејство на Црвениот крст и да растат и да се развиаат работејќи за доброто на другите.

Извор: ТВМ

НУ Библиотека