31 јануари, 2023 г.
Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид на пригоден и достоинствен начин годинава ќе ја одбележи 130 годишнината од смртта на Патронот, поетот и преродбеник Прличев.
Традиционалните „Прличеви беседи“ ќе започнат во петок на 3 февруари во 12:00 часот со промоцијата на книгата „70 Години Библиотека ‘Григор Прличев’- Охрид“ од авторот Милчо Јованоски. Промотор ќе биде новинарот и публицист Свето Стефаноски, а настанот ќе се одржи во „Прличевата одаја “ на Библиотеката.
Свеченостите во рамки на беседите на општинско ниво а во директна организација на Библиотеката ќе продолжат во понеделник на 6 февруари од 13: 00 часот со традиционалната „Прличева визита“.
Тогаш, за прв пат ќе биде доделена наградата за „Најдобра беседа за 2023 година“ по распишаниот локален конкурс на Библиотеката под наслов: „Прличев и ние“ на кој учествуваа млади творци од 15 до 30 години. Комисијата составена од пет члена по разгледувањето на седумте пристигнати трудови под шифра, одлучи наградата „Најдобра поема за 2023 “ да ја понесе беседата од младата професорка по македонски јазик и книжевност Емилија Карафилоска од Охрид. Втората награда ќе ѝ биде доделена на Алма Шемо од Охрид, студентка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ а трета награда на Јован Иловски, студент на УИНТ „Св. Апостол Павле“ од Охрид.
Потоа ќе следи промоцијата на аудио записот на есејот: „Душевните очи на Григор Прличев“ од познатиот македонски поет и есеист, академик Анте Поповски а во интерпретација на актерката Софија Гогова – Врчаковска, на која ќе присуствува и синот на поетот Александар Поповски.
Манифестацијата „Прличеви беседи“ и годинава се одржува со финансиска поддршка на Министерство за култура на Република Северна Македонија и Општина Охрид.
НУ Библиотека