21 ноември, 2022 г.
Во рамките на одбележувањето на Неделата на грижа за стари лица во посета на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид беа членови на координативното и оперативното тело на програмата Грижа за стари лица „Најди време“ од Црвен крст – Охрид.
Во пријатен и срдечен амбиент вработените во Библиотеката и претставниците на Црвениот крст ги договорија конкретните активности за веќе отпочнатиот заеднички пилот – проект со наслов: „Книгата поблиску до старите лица“, информираат од охридската Bиблиотека.
Според зборовите на директорот на Библиотеката м-р Милчо Јованоски и Горка Донеска координaторката на проектот Грижа за стари лица во наредниве три месеци лицата кои од разни причини не можат да дојдат да земаат книга во Библиотеката, а сакаат да читаат ќе бидат бесплатно зачленети, а книгите од Библиотеката до нивниот дом и назад преку проектот ќе им ги дистрибуираат младите волонтери од Црвен крст – Охрид, додаваат во соопштението.
Списокот, велат, со заинтересирани лица кој всушност ќе може да биде бесплатно зачленет заедно ќе го направат Библиотеката и Црвен крст.
На средбата сите присутни ја поздравија оваа идеја и останува таа да се реализира во пракса, а доколку се покаже успешна, Библиотеката и Црвен крст ќе подготоват подолгорочен проект кој ќе биде претставен пред меѓународни и домашни донатори, додаваат од Библиотеката.
Извор: Охрид Њуз
НУ Библиотека