16 јуни,2022 г.
Вчера напладне во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид се одржа Литературен портрет на Оливера Јовановска писателка и поетеса. Таа е родена во Битола во 1970 година а сега живее и твори во далечен Мелбурн и уште подалечна Австралија.
Оттука нејзините напишани зборови сега и овде во Охрид градот на сесловенската и македонската писменост уште повеќе тежеа и ја имаа моќта на силните дијаманти и блеснаа како охридските бисери.
Промотори на нејзиното творештво и живот беа м-р Лилјана Стоилковска од Скопје, која беше еден промоторите на истото творештво пред три дена и во Друштвото на писателите на Македонија и директорот на охридската библиотека м-р Милчо Јованоски.
Двајцата промотори пред присутната публика буквално од сите меридијани на светот дел пренесувана преку ИНтернет и на каналот на популарната македонско – австрлаика ИН ТВ го доловија светот на Оливера мудро и вешто запишан и заробен во четирите нејзини книги кои светлината на денот едно по едно ја доживеаа во време на Ковид – Пандемијата а се продукт на нејзините доживеани ситуации, надградени со експресивната творечка моќ и долго осмислувани и носени, некои од песните и наградувани чекајќи го моментот на средбата со читателската јавност.
Нашата Оливера од 1986 година живее во Мелбурн. Таа пројавува љубов кон пишаниот збор уште од најмладите години и на единаесет годишна возраст ја објавила првата лична творба во „Битолски весник“, а потоа незините творби се се објавуваат во разни детски списанија. Истовремено јавно настапувала на различни приредби.
Како што и сама признава во поезијата ги користи сите форми на римувани стихови. Но најмногу употребува паралелна и вкрстена рима.
Мојата инспирација е – Љубов, секоја една љубов, кон природата, кон семејството, кон Бога, љубов кон неостварени нешта, ќе рече Оливера во едно интервју. Таа пред завршувањето на средното образование се иселува во Австралија каде работи во администрација и се здобива со диплома за бизнис менаџмент. Оливера мајка на четири деца, таа е сопруга на познатиот интерпретатор и музичар Љупчо Јовановски – Бубе, кој е тука заедно со нас и малку подоцна ќе не потсети на неговото творештво и песните отпеани на стихови од неговата сопруга. Најубавите ги чува љубоморно за Љупчо но некои од нејзините објавените песни се интерпретирани од познати македонски интерпретатори, таа е текстописец на голем број фолк-хитови.
Не случајно нејзината прва стихозбирка го носи датумот на нејзиниот роденден 21 јули. Насловена е како: „Неостварена љубов“. Во својата рецензија, Александар Донски насловена „Моќни пораки низ стихови“, пишува дека збирката содржи песни во кои се третирани неколку мотиви.
„Еден од нив е носталгијата кон родниот крај со акцент на локал-патриотизмот (Битола е една, Пусти да се долари, Судбина клета и други). Овде носталгијата е артикулирана низ директен лирски говор, искрено и отворено.
Мотив во песните на Оливера е и приврзаноста кон семејството која е опеана како неприкосновена, безвременска и која продолжува дури и по заминувањето од овој свет.
Моралните вредности се исто така тема во стиховите на Оливера. Доминантен мотив во збирката „Неостварена љубов“ сепак љубовта и тоа не која било љубов, туку онаа невозвратената, која впрочем е артикулирана и во самиот наслов на збирката. Низ песните на Оливера како да провејува тажна сторија, како да е раскажан невидлив, но прилично јасно препознатлив, љубовен роман за невозвратена љубов. Во стиховите се опеани сите позначајни можни причини и секвенци поврзани со феноменот на невозвратената љубов, кои авторката луцидно ги детектира и пластично ги елаборира.
Од технички аспект Оливера умешно се користи со римата, која е во служба на создавањето емоции, кои пак се движечката сила во пренесувањето на нејзините пораки од стиховите“, пишува Донски.
Романот првенец на Оливера Јовановска „Лавиринт на вистината“ „претставува интересно четиво во кое дефилираат различни карактери кои во различни животни периоди се составен дел од околината на централниот лик на романот Ели. Авторката на овој роман успешно ги обработила и претставила карактерните особини и психолошкиот профил на најважните експоненти во делото преку убедливо обработените меѓусебни сложени интеракции. Користи шеги, интриги, стари, поучни поуки, создава и оживува сцени, измислува места на дејства кои пластично ги елаборира за да биде романот интересен и занимлив за читателот“.
Целото дејствие на романот се врти околу ликот на главниот јунак, Ели, кој се следи уште од најраното детство, па сѐ до возраста кога постанала мајка на три сина, и до моментот кога ја запознава вистинската љубов од нејзиниот живот. Ели е дете на разведени родители. Кога бракот се распаѓа двајцата партнери патат секој на свој начин, но децата патат повеќе – не добиваат подеднаква љубов од двајцата родители и поради тоа чувствуваат празнина не само во својата душевна наградба туку и од празнината која ја носат секојдневно со себе
Од напишаното во романот силно возбуден бил и нашинецот од Волино Иван Трпоски од Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј. Патем да кажам Оливера е нивни член а и сите четири нејзини книжевни творби го носат издавачкиот печат на ова друштво.
Поетско дело „Магични љубовни зборови“ на поетесата Оливера Јовановска содржи 56 песни поделени на три циклуси. Низ сите песни провејува македонскиот народен дух, а од мотивите доминира љубовта кон спротивниот пол и носталгијата на иселеникот кон родното место.
Сите напишани стихови од нејзината душа потврдуваа дека Оливера е лиричар која ги пребарува нашите лирски нагони што ечат од длабочината на душата.
Најновата нејзина стихозбирка ОДМРЗНАТИ ЧУВСТВА издадена овој март е логично талкање на авторката во сопствениот свет исполнет со минатото и сегашноста ама и мислите за иднината, за утре што ќе дојде. Педесеттината песни се и за читање и за пеење во духот на македонската традиција.
На литературната средба во Охрид присутните можеа да слушнат и три песни напишани од Оливера а отпеани од нејзиниот сопруг Љупчо Јовановски.
Во име на Библиотеката нејзиниот директор Милчо Јованоски на Оливера и на Лилјана им врачи благодарници во знак на сеќавање на средбата во Охрид и нивниот траен придонес за ширење на македонската култура и јазик низ светот.
НУ Библиотека.