21 мај, 2022 г.
Исидора Николоска од Прилеп го освои првото место на 21. Републички натпревар „Млади библиотекари“ што вчера се одржа во организација на Библиотекарското здружение на Македонија а домаќин беше НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид .
Николоска со освоени 91 од вкупно 120 бода,победи во конкуренција од 20 учесници од цела држава, кои претходно победиле на општинските натпревари и се здобиле со правото да учествуваат на Републичкиот натпревар. Втора беше Ива Додевска од Куманово со освоени 84 бода, а третото место ѝ припадна на Тијана Стојменова од Струмица со освоени 83 бода.
-Прашалникот се состоеше од 29 прашања, на кои натпреварувачите одговараа писмено, во време од 60 минути. Сите учесници покажаа солидни познавања од областа на библиотекарството и солидно ги одговорија прашањата, заклучија членовите на комисијата во состав: Андријана Апостоловска, Лили Бошевска, Сабија Мустафа, Христина Трпеска и Снежана Стојаноска. Натпреварот се одвиваше беспрекорно и во најдобар ред, а Библиотеката во Охрид се покажа како одличен домаќин рече д-р Јана Михајловска , претседател на Библиотекарскто здружение на Македонија (БЗМ).
Во Охрид покрај натпреварувачите беа и нивните ментори како и поголем дел од директорите на Националните и Локалните библиотеки меѓу кои и Јелисавета Костадинова, директорката на НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
НУ Библиотека „Григор Прличев“ посебно им благодари за помошта на вљубеникот во книгите Илија Илоски, Жито леб, Општина Охрид и Пинокио.
Честитки до сите наградени и учесници – младите библиотекари се иднината на нашите библиотеки.
Повеќе на Фејсбук страницата на нашата НУ Библиотека