5 Мај е ден на македонскиот јазик

5 Мај е ден на македонскиот јазик

Posted by Milco Jovanoski in Околу нас 05 May 2022

5 мај, 2022 г. 

Со голема радост, но и огромен долг, денеска чествуваме и се навраќаме кон еден од најсветлите денови во нашата македонска историја, На денешен ден, на 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеци, Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.

Претходно со решение на АСНОМ од 2 август 1944 година, донесено во манастирот Прохор Пчински, македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава.

Владата на Република Северна Македонија во 2019 година донесе одлука 5. мај да биде прогласен за Ден на македонскиот јазик, во чест на решението од 5 мај 1945 г.

Развојот на денешната македонска азбука датира уште со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилица и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем.

До 10-тиот век македонскиот јазик користел различни други писма, како што е грчкото писмо или некои сè уште недешифрирани писма, но со појавата на глаголицата се стандардизирала писменоста. Така, од 10 па сè до 19 век македонскиот јазик ги користел следните азбуки: глаголица, кирилица, црковно-македонско писмо, илинденска азбука.

Нашиот великан Блаже Конески, чијшто заслуги за создавањето на македонската азбука и кодификацијата на македонскиот јазик се огромни, во една прилика беше рекол дека ,,Јазикот е нашата најкомплетна татковина”.

Инаку, со Решение на АСНОМ од втори август 1944 година, донесено во манастирот Прохор Пчински, македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава.

Современата македонска азбука се темели на кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков, а некои ортографски знаци се преземени од азбуката на Вук Караџиќ, Крсте Петков Мисирков користел знаци за истите тие гласови

Усовршувањето и приспособувањето на македонскиот пишан систем и постепено поедноставување на црковномакедонското писмо започнало во 19 век со појавата на поедноставната илинденска азбука, која пак довела до оформување на македонската преродбеничка азбука за да на крај се создаде стандардната македонска азбука.

Во 20 век имало и обид за запишување на македонскиот јазик и со латинична азбука, т.н. македонска абецедарска азбука која не зела широки размери и останала на локално ниво во Егејска Македонија.

Најбогатиот период, во поглед на развојот на стандардната македонска азбука, е периодот на преродбата, поточно од средината на 19 век до почетокот на 20 век. Во овој период голем број на македонски интелектуалци вршеле реформи за поедноставување на македонската илинденска азбука и со тоа стандардизирање на македонскиот правопис.

Меѓу позначајните личности кои се занимавале со задавање правила и стандардизација на македонскиот графички систем и на македонскиот правопис се: Крсте Петков Мисирков, Ѓорѓија Пулевски Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, Константин Петковиќ, Партенија Зографски, Димитар Македонски, Деспот С. Баџовиќ, Коста Групче, Наум Евро, Темко Попов, Васил Карајовов и други.

Како еден од најистакнаттите македонисти, Ѓорѓија Пулевски има напишано неколку дела, дел објавени дел во ракопис. Како еден од најраните македонисти, Пулевски користел различни азбуки во различни негови дела. Тоа било како резултат на усовршувањето кое го правел на македонскиот правопис во своите дела. Сепак, во своите дела самиот Пулевски кажува дека во кирилицата има одреден број на букви но не се користат сите за пишување. Така тој наведува колку букви има во јазикот на кој пишува но потенцира со колку букви всушност се пишува. Како образложение наведува дека некои букви се користат во одредени ситуации.

Пулевски со воведувањето на букви од рускиот сакал да ги направи своите текстови читливи не само за Македонците туку и за околните народи. Поради тоа, покрај македонските букви присутни се и руски и српски. Пулевски го бележел македонскиот јазик со стандардни знакови низ сите текстови, додека додатните букви во сите азбучни варијации се како резултат на неговата замисла да ги направи текстовите читливи за сите Словени.

Најзначајното дело на Крсте Петков Мисирков е книгата „За македонцките работи“.  Во петтата статија „Неколку зборој за македонскиот литературен јазик“ тој ја дава теоретската основа за стандардизација на македонскиот јазик.

Носители на македонистичките идеи (самостојна Македонија, самостоен јазик) биле здруженијата формирани од емигранти – во Бугарија, Србија, Грција и Русија.

Прво такво здружение било формирано во Атина седумдесеттите години од 19 век од Стефан Дамчев Македон. Во 1888 г. во Софија Ѓорѓија Пулевски ја формира Словенско-македонска книжевна дружина. Во 1890 во Софија била оформена Младата македонска книжевна дружина (сп. „Лоза“). Во 1893 г. во Белград ученичката дружина Вардар, потоа Македонскиот клуб во Белград 1902 (сп. „Балкански гласник“). Македонско научно-литературно другарство во Санкт Петербург 1902 (сп. „Македонски глас“).

Дел од овие здруженија ги предводел и бил нивни член Крсте Петков Мисирков.

Идеите на овие здруженија, всушност, се дефинирани во книгата „За македонцките работи“ (1903).

Во книгата, освен прикажувањето на реалните состојби во Македонија („Шчо напраифме и шчо треба да напраиме за однапред“) се дадени предлози за подобрување на состојбата.

Најзначајна е, сепак, последната статија од книгата „Неколку зборој за македонцкиот литературен јазик“, каде е дадена теоретската основа на официјалниот македонски јазик, а самата книга е напишана на тој јазик – како практична примена на теоретските правила.

Во една пригода Мисриков ќе рече: „Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија. Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да не прашаат за сите прашања што не засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува се само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас.“

Во овој историски континиум доаѓаме до  Блаже Конески.  Тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.

Како научник-славист, тој ги направил најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Учествувал во комисијата за азбука, учествувал во составувањето на првиот македонски правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик, тој е еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик (во три тома).

Освен со научна, Конески се занимавал со творечка, препејувачка, есеистичка и критичка дејност.

НУ Библиотека