1 април, 2022 г.
НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид денеска со еден настан ги одбележа 1 Април денот на шегата и 2 Април Светскиот ден на литературата за деца.
Новинарот и преведувач Љилјана Илиевска им беше гостинка на второ одделенците од ООУ „Св. Климент Охридски“ со наставничките Ружица Д. Маноска и м-р Наташа Танеска. Преку своето умешно раскажување за Шведска и тамошната литератута ги запозна со Улф Старк еден од најголемите и најзначајните шведски писатели за деца. Тој има напишано многу книги за деца. Неговата прва книга „Петар и црвената птица“ е објавена во 1975 година но, но вистински популарен станува во 1984 година на натпреварот за најдобра книга за деца кога ја освојува првата награда со книгата „Будалаштини“ која подоцна стана и многу популарна ТВ серија.
За книгата „Умееш ли да свиркаш Јохана?“ Старк ја добива престижната награда за детска литература на Германија за 1994 година. Според оваа книга е снимен и долгометражен филм за деца кој секоја година се прикажува токму за Бадник. Неговите книги се преведени на многу странски јазици и наградувани со многу награди. Во 2013 година Улф Старк ја посети Македонија и Саемот на книги во Скопје каде одржа неколку предавања за шведската детска литература,сето ова по заслуга на агилната Љилјана Илиевска. Децата на гостинката и поставија куп интересни прашања сврзани со Шведска и животот во оваа земја.
Илиевска на нашата Библиотека и’ подари неколку примероци од книгата „Умееш ли да свиркаш Јохана“ кои по обработката ќе се најдат во одделот за зајмување.
Љилјана Илиевска е родена во Скопје. Таму ги завршува основното и средното училиште. Професионалната кариера ја започнала како балерина во МНТ. По преселбата во Шведска цели 18 години била уредник и новинар во македонската редакција на државното радио во Шведска.
Потоа се вработува во македонската амбасада во Шведска, за потоа да се врати во Скопје од каде што тргнала и професионалната кариера ја завршува со нејзината неуморна работа во промовирање на шведската култура како дел од амбасадата на Шведска во Македонија.
Денес живее во нашето Велгошти, постојано патува а најчеста во Америка и Шведска земји во кои живеаат нејзините две ќерки со своите семејства. Илиевска е голем поборник на чистата и здрава животна средина и често е еко активист.
НУ Библиотека