13 јануари
Трајче Кацаров е автор на поемата „Цветко“ прогласена за најдобра за 2021 година на отворениот конкурс што традиционално се распишува во чест на охридскиот и македонскиот поет Григор Прличев. Според жирито „неговиот ракопис отвара суштински егзистенцијалистички прашања“.
Мама, со нов маж да ме бара се согласи
Тато-поетот, слушатели кани преку огласи
Ми го оставија Бери Вајт, како наследство
Сликите на дедо и нана, и нивните односи
Одлучив, да престанам да пишувам и пеам
Сонот, одлучив да го заменам со стварност
Будењето ми стана секојдневна практика
Материјата добиваше се’ повеќе на важност
Се осудив длабоко во себе да гледам
И го видов она што не се очекува –
Желбата може да е мисла
Можноста тешко се преслекува.
Ова е 98 пеење од поемата „Цветко“ на Трајче Кацаров која неодамна беше прогласена за најдобра за 2021 година на отворениот конкурс што традиционално се распишува во чест на охридскиот и македонскиот поет Григор Прличев.
А, жири комисијата во состав проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ (претседател), проф. д-р Мишел Павловски и д-р Славчо Ковилоски (членови), во образложението за својата едногласна одлука најнапред забележува дека поемата „пишувана во модернистички манир, претставува вешто компониран поетски исказ, сугестивен и хармоничен, згуснато сензитивен и напати спокоен, кој, преку навидум едноставниот лирски расказ за животот на Цветко, отвара суштински егзистенцијалистички прашања“.
Понатаму во образложението се вели дека ракописот на Кацаров „има изградено цврста интегрирана приказна со структурна издиференцираност во мотивски поглавја (Пролог, Семе за надеж, Детството, Младост, Големата љубов, Брак, Лизгање по угорнина, Гости, Епилог), обединети околу одредени семантички јадра, кои го следат животот на главниот лик – Цветко.
Всушност, дека поемата ја третира вечната тема за човековата ранливост и минливост, (не)исполентоста на очекувањата во дослух со самиот себесе, но и со традицијата, менталитетот, обичаите карактеристични за поднебјето под кое живееме, каде низ слободен стих се движи содржината на случувањата во ритам и стилска одржливост со помош на едноставен јазик, ставен во функција на пораката која треба да ја пренесе.
Поемата комуницира и со културните симболи на времето, умешно вградувајќи ги во сопствената поетика. Авторот/авторката амбиентот на случувањата напати сака да ни го долови низ мелодијата, аромата и здивот на песните на Бери Вајт, иконата на фанкот и соулот, низ музиката на ТАЈМ, СТОУНСИ, КВИН и Стинг, и на тој начин да нѐ пренесе во некои животни модалитети на 70-тите, 80-тите и 90-тите години на 20. век, но и деконструирајќи ги и прилагодувајќи ги во сопствената естетика, пишува жирито.
А, авторот Трајче Кацаров појаснува дека „Цветко“ е создадена по принципите на античките дела.
Поемата е создадена по принципите на античките дела во кои според Аристотел, се е подредено на срџбата на боговите. Судбината што произлегува од гревот на претците е клучен фактор во животот на потомството. Што би рекол Сартр, ние ја читаме античката литература не осовременувајќи ја, затоа и ги наоѓаме нејзините вредности. Но новото време наметнува некои нови принципи и услови на коишто ние не сакајќи се подведуваме а тие не носат до една поинаква, да речеме, одлука и всушност ни даваат право на избор. И во дадениот случај и ние понекогаш можеме да се спротивставиме на оние судбоносни определби, на она што претставува грев на нашите предци и кој грев во потомството треба да се одразува низ одредени ефекти. Па, тука сега егзистенцијализмот и новите услови на живот не наведуваат и ни даваат за право да имаме слобода во изборот, но и да бидеме одговорни за она што потоа ќе значи наш избор, вели Кацаров.
Тој истакнува дека она што е најважно во оваа поема е она што значи меланж помеѓу нашите традиционални вредности и оние што ни ги нуди Западот преку уметноста, преку музиката, преку технолошкиот прогрес …
Во поемата постојано ќе се среќаваме со нешто што не влече кон почит на нашите традиционални вредности кои што се препознаваат преку воспитанието, преку обичаите, вљубувањето, формирањето на брачната заедница и друго, и она што ни го нуди Запад во модернизацијата на живеењето. Нешто што претставува исчекор од она што значи наша традиционална вредност. И кон приближување на нешто што значи универзална вредност или вредност што ја увезуваме од страна врз база на веќе подадени квалитети, смета авторот.
Конечно Кацаров и со појаснување дека поемата „Цветко“ е пред се пренаселена со ликови коишто имаат доминантни карактерни особености. Вели и тоа дека „истите тие доминантни карактерни особености не ги гушат карактерните особености на поранешните ликови, но всушност им даваат за право тие да се појават во клучни моменти за развојот на дејството и за по експлицитно поимање на наративот во поемата.
Кон ова, чисто како потсетување. Трајче Кацаров е поет, раскажувач, есеист, колумнист и драмски автор од Штип. Тој за своето обемно и преведувано творештво досега е овенчан со неколку значајни награди како Рациновото признание во 2009 година, Прозни мајстори… и други.
Нему наградата за необјавена поема за 2021 година ќе му биде врачена на 5 февруари напладне на свеченоста во Домот на културата „Григор Прличев“ во Охрид.
Пишува: Љупчо Јолевски
Извор: https://www.slobodnaevropa.mk/