22 декември, 2021 г.
Излезе од печат монографијата „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан“ ( 1952 – 2022) од авторите Милчо Јованоски и Гордана Змејковска.
Со издавањето на монографијата НУ Библиотека „Григор Прличев“ догодина во февруари ќе ја одбележи 70 годишнината од иницијативата за почеток на веќе култната манифестација „Прличеви беседи“.
-Основа, да почнеме и да продолжиме со истражувањето ни беше првата монографија од авторот Маринела Јовановиќ која го опфаќа периодот од 1952 година заклучно со 1996 година. Нејзини издавачи се: Градската библиотека „Григор Прличев“, Радио Охрид и книгоиздателството „Мацедониа Прима“.
Ние, како автори продолживме, таму каде што се застанало и преку документи, фотографии и искажувања се надеваме дека како наш залог за идните генерации уште еднаш ги зацврстивме историските и развојните факти, за седумте децении и посебно за последните 25 години сврзани со настаните од „Прличевите беседи“ одржани во нашата матична НУ Библиотека која со гордост го носи името на својот Патрон – Григор Прличев.
Концепциски, оваа монографија е збогатена со сеќавања и беседи за Прличев од наши и странски писатели и поети. На површина излегуваат нови факти и нешта кои до денеска не сме ги знаеле или не биле доволно разјаснети.
Монографијата не е само гола фактографија на настани и хроника, туку содржи и низа стручни елементи и научни истражувања кои „шетаат“ во длабочина и широчина низ животот и творештвото на преродбеникот Прличев, веалт авторите Јованоски и Змејковска.
Издавањето на книгата финансиски е помогнато од Министерството за култура и Општина Охрид.
Книгата ќе биде промовирана на јубилејните „Прличеви беседи“ во февруари, 2022 година.
НУ Библиотека