13 октомври, 2021 г.
Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје беше отворен дводневниот Форум на Библиотечната унија, основана во 2018 година, за соработка меѓу библиотеките од Народна Република Кина и библиотеките од земјите од Централна и од Источна Европа.
На Форумот, меѓу другите, се обрати заменик-министерот за култура и туризам на НР Кина, Џанг Шу, како и министерката за култура, Ирена Стефоска.
Стефоска истакна дека библиотеките се исправени пред големи предизвици, со развојот на технологијата во време на пандемија од КОВИД-19.
„Низ вековите, библиотеките доживеале многу трансформации. Денес, тие се стремат да се трансформираат во современи културни, образовни, истражувачки и информативни центри кои имаат исклучително важна улога во повеќе општествени сфери. За таа цел, сите сме насочени кон дигитализацијата. Тоа е неминовен процес преку кој големиот број креативни, промислувачки и научно-истражувачки достигнувања од нашата држава и од целиот свет побрзо и полесно стануваат достапни за корисниците“, рече Стефоска.
Таа додаде дека верува оти иднината на библиотеките е соработката меѓу библиотеките од целиот свет и дека само со заемна поддршка, размена на искуства и ресурси, светот ќе ја креира Библиотеката на 21 век.
„Од најмала, до најголема. Сите средини се соочуваат со различни предизвици, а целите на библиотеките се исти. И покрај огромниот замав на виртуелниот свет, книгата останува најголемиот пријател на човекот“, истакна Стефоска.
Библиотечната унија е дел од меѓународната соработка на Унијата на земјите од ЦИЕ и НР Кина и Центарот за културна соработка на земјите од Унијата во Скопје, Македонија.
Дводневниот форум на Библиотечната унија, виртуелно го следат и пет библиотекари од нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид
Извор: Министерство за култура
НУ Библиотека