Без некој посебен повод и причина почитуваниот пратеник д-р Кирил Пецаков, сега во улога на кандидат за градоначалник на општина Охрид, реплицирајќи му на против кандидатот и актуелен градоначалник на Охрид, Константин Георгиески јавно ја прозва локалната власт, а со тоа и нашата Национална Установа, дословно велејќи: – Имате готова Библиотека којашто до ден денеска не е опремена ни со столчиња…
Во интерес на вистината и дигнитетот на НУ Библиотека „Григор Прличев“ реагираме на овој дел од искажувањето на Пецаков и го отфрламе како целосно неточно.
Пецаков, очигледно во предизборен и еуфоричен занес заборави дека во Охрид ниту една Установа од областа на културата не под ингеренции на локалната власт, туку под Владата, односно Министерството за култура.
Да појасниме. Кога говори за готова Библиотека, Пецаков очигледно мисли на просторот кој до 2013 година беше дирекција на НУ Фестивал „Охридско лето“. Тој со Одлука , токму на нивната Влада – предводена од ВМРО ДПМНЕ и беше даден на користење на Библиотеката. Следеше градежна адаптација, менување на подот и санитарни јазли. И тука застанаа. Недостигаше мебел, софистициран систем, грее – лади, компјутерска опрема… За тоа да го одобри Министерството предводено од кадар на ВМРО ДПМНЕ имаше скоро три години, но познато е – нивната власт инвестираше во споменици а во Установите она што ќе остане – трошките.
За волја на вистината претходното раководно лице и Установата конкурирале со Проекти за доопремување на Библиотеката со инвентар и други потреби, но проектите во тоа поблагопријатно време за културата не поминаа.
И така фамозните столчиња за кои се фати Пецаков, а кои Локалната не ги обезбедила, токму се обезбедени и купени, како и останатиот мебел во 2018 година, откако сегашното Министерство за култура ги одобри Проектите.
Во периодот потоа, благодарение на инвентивноста на менаџерскиот тим, Библиотеката полека се доопремуваше и со помош на трите Лајонс клубови од Охрид го реши во најголем дел затоплувањето и ладењето на овој – условно речено нов простор.
Стигна Ковид пандемијата која во целост го наруши животот, па и режимот на работа на Библиотеката а почна речиси во мигот кога наголемо се размислуваше условно речено и овој простор да биде и физички и функционално ставен во употреба. Во мигов во завршна фаза е преселбата на богатиот книжен фонд.
Што се однесува до соработката со Општина Охрид и Библиотеката должни сме да кажеме дека и покрај тоа што локалната нема надлежност за наше финансирање оваа последна раководна гарнитура, за првпат преку Одделението за култура помага во финансирање на дел од нашите издавачки проекти, во организирањето на нашиот дел од манифестацијата Прличеви беседи а неколку промоции и културни настани во изминатите четири години се организирани заеднички.
Што направила и како работи НУ Библиотека „Григор Прличев“ во периодот кој беше предмет на критика од страна на кандидатот за градоначалник Киирл Пецаков може слободно да се види на веб страницата на нашата Установа на која транспарентно стои запишано а јавноста знае дека токму во овој четиригодишен мандат Библиотеката и покрај ова тешко Ковид време со почитување на протоколи е целосно во функција на читателите и отворена за сите писатели и автори и бележи рекорден број настани и реализирани Проекти во кои се вклучени сите вработени.
04.10.2021 г. Охрид
Со почит,
НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид