13 август, 2021 г.
Вечерва од 20 часот во атарот на манастирот „Света Петка“ во Велгошти ќе се одржи традиционалната културна манифестација „Вечер на Чинго“ посветена на животот и делото на познатиот охридски и македонски раскажувач, романописец и драмски автор Живко Чинго.
На оваа традиционална манифестација вечерва ќе присуствуваат и претставници на нашата Национална установа Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид во чие роднокрајно одделение љубоморно се чуваат сите дела и нивни изданија од покојниот Чинго.
Живко Чинго – живот и дело
Живко Чинго е роден на 13 август 1935 година, во селото Велгошти, Охридско. Во родното село завршил основно училиште, а гимназија во Охрид. Во 1959 година дипломирал на Философскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, на групата за југословенска литература. Извесно време работел како професор по книжевност во гимназијата во Охрид, а во Скопје работел во: „Студентски збор“, во „Млад борец“, во Радиотелевизија Скопје, во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во Центарот за политички студии, а бил и долгогодишен директор на Драмата при Македонскиот народен театар. При крајот на животот работел како советник при Републичкиот комитет за култура. Во 1963 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), а бил и член на МАНУ. Умрел на 11 август 1987 година.
Во македонската книжевност Чинго влегол кон крајот на педесеттите години на XX век. Уште во своите први раскази, објавени во списанието „Разгледи“ во 1957 година, тој го свртел кон себеси вниманието на книжевната јавност, а со појавата на првата збирка раскази Пасквелија било јасно дека се работи за голем мајстор на расказот.
Првата збирка раскази Пасквелија, издадена во 1961 година, била дочекана како книжевно откровение. Неколку години подоцна, во 1965 година, тој ја објавил и втората книга раскази Нова Пасквелија, која го повторила големиот успех на првата книга. Во 1966 година, Чинго го објавил романот за деца Сребрени снегови, а во 1971 година и својот втор роман Големата вода (по која е снимен и истоимениот филм). Книгата раскази Вљубен дух била објавена во 1976 година, на српскохрватски јазик.
Сите овие пет прозни дела го сочинуваат јадрото на неговото творештво и го потврдуваат Чинго како автор со својствен раскажувачки свет, исклучителен по својата оригиналност, едноставност, со својата поетичност и непосредност, со својата раскажувачка драматика. Неговото творештво е високо вреднувано од македонската и југословенската критика, а неговите дела се преведувани на: српскохрватски, словенечки, албански, руски, полски, француски, унгарски и германски. За збирката „Пасквелија“, во 1963 година ја добил наградата на ЦК на СМЈ и весникот „Младост“ од Белград; за збирката „Нова Пасквелија“ ја освоил Октомвриската награда во 1966 година; а истата година ја освоил и наградата на „Детска радост“ за најдобар детски роман (за „Сребрените снегови“).
НУ Библиотека