3 август, 2021 г.
Утре во Охрид во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе се одржи промоција на романот „Солзите на сестра ми“ од Лилјана Зашова.
Посвојувањето деца е тема која, речиси, секогаш е придружена со дилеми, желби, страдања, надежи, очекувања. Романот „Солзите на сестра ми“ од Зашова, во издание на „Академски печат“ нуди на прочит токму таква приказна.
Промотори на романот ќе бидат: писателот и драматург д-р Сашко Насев кој е и рецензент на книгата и м-р Милчо Јованоски, новинар и публицист, вработен во охридската библиотека.
Д-р Насев во рецензијата ќе рече: – Во македонската литература секогаш недостасувало таканареченото белетристичко „женско писмо“, односно романи и белетристика од писателки. Романот има брзо и динамично сиже. По својата иманентна структура припаѓа на оној вид литература кој е социјално и психолошки ангажирана… Насев уште додава: Јазикот е лапидарен и разбирлив. Реченицата на Зашова е кратка и јасна, а „политкоректноста“ на современиот израз дури го прави достапно ова книжевно дело до пошироката публика затоа што лесно се разбира, ненаметливо и шармантно делува како запис во некоја епистола или, според книжевните теории, текстот е раскажан од супериорен наратор – заклучува Насев во својата рецензија за романот на Лилјана Зашова.
Како сопруга на дипломат Зашова има поминато повеќе години во странство – Лион и Стразбур, Франција и Букурешт – Романија. Своето искуство во дипломатијата го има запишано во нејзиното прво дело „Убавото однесување“ кое досега доживеа две изданија.
Извадоци од романот ќе чита актерката Славица Спасова а на промоцијата ќе говорат и Гордана Змејковска, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и авторката Лилјана Зашова.
Ќе настапи и младата Христијана Матеска – хармоника од Охрид.
Овој настан од културата ќе се одржи во Големиот изложбен салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 12.00 часот.
НУ Библиотека