27 април, 2021
Во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“од Охрид излезе од печат најновата, 72 книга од Вера М Самарјанин „Мајка“.
-Во стихозбирката „Мајка“ на Самарјанин, секој нејзин стих, ако успеете да проникнете ќе разберете дека носи индивидуални пораки, ама и една универзална вредност која од нив зрачи како Сонцето, напиша рецензентот Милчо Јованоски.
Пишувајќи за Самарјанин и стихозбирката Јованоски ќе додаде: – Како велат: ’Бог ја создал мајката за да им стане поблизок на сите‘. ’Да се биде мајка – тоа е служење, а првиот услов за верно служење е несебичноста’, прочитав некаде а токму поезијата на Самарјанин оди во таа насока. Таа вешто го следи и дрвото, но и скалите на животот од раѓањето сѐ до физичкото заминување, но и духовното и генерациско поврзување на мајката со ќерките ( децата), на ќерките со мајките и на бабите со внуките.
Поетскиот изблик и наратив – стихозбирката „Мајка“ од Вера М. Самарјанин се рамни на химна за Жената. Стиховите на Самарјанин се како награда за мајките и за почитта кон нив и сеќавањата на нивното бдеење над нас, пишува во рецензијата м-р Милчо Јованоски.
Во „Мајка“ на насловната страница и во содржината се објавени и десеттина оригинални графики дело на Живко Поповски – Цветин.
Како и сите претходни и оваа книга е самофинансирана и ќе биде донирана во библиотеки, училишта, градинки и домови за стари лица. Самарјанин досега има подарено над 22 000 книги.
НУ Библиотека