23 април, 2021 г.
Порака од г-ѓа Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО, по повод Светскиот ден на книгата и авторското право 23 Април
Во овој период на несигурност, многу луѓе се свртуваат кон книгите кои ќе им помогнат да се справат со затвореноста и со неспокојот.
Навистина, книгите имаат посебна способност да разонодуваат и да поучуваат. Тие се средство за истражување на светови вон нашето лично искуство преку запознавање со различни автори, идеи и култури. Тие се средство за пристапување до најдлабоките места во нашиот ум. Страница по страница, книгите ни осветлуваат патека по која можеме слободно да се движиме, неограничени од времето и просторот. Со други зборови, книгите ни даваат слобода.
Тоа е силата на книгите којашто токму сега ни е потребна бидејќи нѐ потсетуваат на основното значење на литературата – како и на уметноста – во нашите животи.
Со славење на книгите, ги славиме авторите коишто ни обезбедуваат кратки извадоци од животот и поглед во некоја друга реалност. Тие отвораат прозорец кон светот – поточно, прозорец кон други светови и форми на постоење. И затоа, секоја година на 23 Април – денот кога славните автори Вилијам Шекспир, Мигуел де Сервантес и Инка Гарсиласо де ла Вега починале – ние ги славиме писателите чии дела ja пленуваат нашата имагинација со векови.
Денеска, исто така, им оддаваме почит на сите дејности поврзани со книгите: уредување, преведување, издавање и продавање. Тие ни овозможуваат да го шириме нашето литературно наследство, да дозволиме изразување на нови идеи и да овозможиме ширење на приказни.
Овие професии мора да бидат заштитени, а нивната вредност да биде признаена. Тоа е уште поважно среде пандемијта на Ковид -19 којашто станува длабока и трајна закана за културата.
Токму затоа УНЕСКО ја поддржува работата на издавачите преку активности како што се партнерствата со Меѓународната федерација на библиотечни асоцијации и институции (ИФЛА) и Меѓународната асоцијација на издавачи (ИПА).
Силата на книгите мора наполно да се исползува. Мора да обезбедиме пристап до нив со цел секој да може да се засолни читајќи и на тој начин ќе може да сонува, да учи и да размислува. Ова е значењето на одговорноста на Тбилиси, Грузија, којшто стана Светски град на книгата за 2021 год. УНЕСКО го назначи овој град заради нивната фокусираност на употребата на модерните технологии за промовирање на читањето меѓу младите лица. Нивната програма „Во ред. Па, твојата следна книга е…?“ работи на трансформирање на книгите во дигитални игри и помага во обезбедување пристап до сите.
Во време кога читањето е скапоцено, значењето на нашата посветеност на интеграцијата, образованието и мирот во и преку читањето станува кристално јасна.
За годинешното издание на Светскиот ден на книгата и авторското право, ве охрабрувам сите вас да одберете книга, да почнете да ги вртите нејзините страници и да извлечете од нив зрак свеж воздух, кој ќе ви помогне да издрджите сега и во иднина.
НУ Библиотека