20 април, 2021 г.
Деновиве од печат излезе најновата 71 книга од Вера М Самарјанин „Растурени бајки“ посветена на најмладите.
Како што и обично прави, во последниве години и сега познатата хуманитарка Самарјанин донираше пет примероци од книгата во нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“ во која во октомври, 2018 е прогласена и за нејзин почесен член.
-Како и сите мои претходни книги кои ги издавам и финансирам и „Растурени бајки“ е бесплатно поделена во и надвор од земјава за сите кои покажаа интерес да ја имаат, вели Вера М Самарјанин.
Сите нејзини дела се самофинансирани и донирани во градинки, училишта, библиотеки и домови за стари лица. До сега има подарено над 22.000 книги
Рецензентката на бајките, колешката од НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ д-р Лили Бошевска, вели: – Веселите поетски „Растурени бајки“ на авторката Самарјанин, навлегуваат во таинствениот детски свет и ги раскажуваат сите интересни доживувања на децата, со ведар поетски јазик, кој е разбирлив за најмладите. Нејзиниот тематски интерес е широк и разновиден онолку колку што е широка и разновидна и самата детска имагинација…
… Кога сме веќе кај бајката, како тип на кратка приказна која обично содржи најчесто нереални и фантастични доживувања и измислени карактери, како што се: самовил, џуџиња, џинови, сирени или принцези, тука имаме поетски бајки, во кои раскажувањето се одвива низ стихови и рими.
Како и прозните, така и овие – поетските бајки на Вера М. Самарјанин, може да се разликуваат според раскажувањето, кое содржи елементи од детски познати приказни, анимирани филмови и легенди (кои генерално вклучуваат верба во опишаните настани) и експлицитни морални приказни, вклучувајќи приказни за диви и домашни животни, птици и инсекти. Самото присуство на животни што зборуваат, особено кога е јасно дека животното е маска врз детското лице, ја прави секоја поетска бајка – поучна приказна која има посредно и суптилно воспитно дејство (исто како во басните), врз детето кое ја чита или на кое му ја читаат родителите или наставниците, додава д-р Бошевска.
„Растурени бајки“ е веќе обработена и зачленетите читатели можат да ја зајмат од нашата Библиотека.
НУ Библиотека