15 април,2021 г
НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец заеднички ја одбележуваат четриесет и првата годишнина од смртта на големиот, македонски писател и поет за деца Ванчо Николески. Тој е основоположник на детската литература кај нас и даровит автор за кого и денеска се прераскажуваат безброј анегдоти.
Кој е всушност Ванчо Николески ?
Ванчо Николески е роден во 1912 во село Црвена Вода – Дебрца, Охридско, а почина во 1980 година во Охрид. Основно училиште завршува во родното село, гимназија во Охрид, а учителска школа во Скопје. По завршувањето на учителска школа, тој учителствувал во многу села низ Македонија.
По ослободувањето на Македонија, Николески работел како новинар и уредник на весникот „Титов пионер“ и во детските емисии на Радио Скопје и Радио Битола. Соработувал и со Радио Охрид . Таму, во архивата на радиото останаа дузина приказни за деца напишани и раскажани со гласот на Ванчо. Од 1950 година, тој бил член на Друштвото на писателите на Македонија.
Награди и признанија
За своето книжевно творештво, Николески бил добитник на повеќе книжевни награди, меѓу кои и наградите: „Климент Охридски“ и „Младо поколение“. Неговите дела се преведени на сите југословенски јазици, а тој самиот се занимавал со преведување од српски и од руски јазик.
Во негова чест, Друштвото на писателите на Македонија ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади.
Библиографија
„Македонче“ (прва збирка песни за деца на македонски јазик, 1946)
„Мице“ (поема, 1947)
„Школско ѕвонче“ (песни, 1947)
„Прва радост“ (песни, 1947)
„Бабино вретенце“ (песни, 1948)
„Крај огниште“ (песни, 1948)
„Дедови приказни“ (песни, 1950)
„Шарено торбиче“ (песни, 1950)
„Татковина“ (песни, 1950)
„Мое село“ (песни, 1950)
„Чуден свет“ (песни, 1952)
„Чудотворен кавал“ (раскази, 1952)
„Мојот ден“ (сликовница, 1952)
„Стани, Коле“ (песни, 1952)
„Братска дружба“ (приказни и бајки, 1953)
„Четиринаесет илјади ослепени“ (историска поема за времето на Цар Самоил, 1954)
„Приказни и бајки за деца“ (1955)
„Чудни случки“ (раскази, 1958)
„Цвета смета“ (сликовница, 1960)
„Волшебното самарче“ (роман, 1962)
„Приказни од моето село“ (раскази, 1964)
„Гоце Делчев“ (роман, 1964)
„Чуден дедо“ (песни, 1964)
„Под виорното знаме“ (роман, 1967)
„Приказни од волшебната куќичка“ (раскази, 1970)
„Малиот ловец“ (раскази, 1970)
„Станко спанко“ (песни, 1972)
„Ѕвездени вечери“ (песни, 1973)
„Рачко плачко“ (песни, 1973)
„Крвави години“ (хроника-роман)
„Жива книга“ (раскази, 1978)
Елена Ел Нади, директорката на училиштето кое го чествува неговото име вели: -Поведено од големината на делото на Ванчо Николески,уште во далечната 1995 година, тогашното раководство одлучува овој познат македонски писател за деца да го назначи за патрон на нашето училиште.
Притоа, како значаен датум е земен денот на издавањето на првата негова книга после војната,кога всушност е и Патронатот на нашето училиште.
Но тоа не значи дека неговото име не може да се споменува и чествува и во други значајни моменти од неговиот живот.
Сите ние растевме со романите,расказите,поемите и песните на Ванчо Николески. Верувам и кај вас се стркала по некоја солза додека читавте, кога радоста на дедото и бабата одеднаш завршува поради несреќата која го снашла глувчето Мице и тие се осудени својата длабока старост да ја минат во пуста и тешка осаменост .
Или растеше возбудата, кога Трајче со херојска храброст ја пренесуваше муницијата на бојната линија во борбата за татковината.
Читајќи го романот за Гоце Делчев ги впивавме мудрите мисли кажани од големиот син,револуционер,идеолог и водач на македонскиот народ.кој уште тогаш го разбирал светот како поле за културен натпревар меѓу народите.
Сигурно сте прочитале уште многу песни и раскази ,случки кои ве направиле да се чувствувате горди што писателот Ванчо Николески потекнува од нашиот крај и е патронот на нашето училиште.
Многумина можеби со своето творештво ги поттикнал да ги следат неговите стапки и да творат дела кои ќе ги читаат многу идни генерации,дела преку кои ќе продолжат да живеат ваквите великани, вели Елена Ел Нади, директорка на ООУ „Ванчо Николески“ Лескоец.
Во чест на годишнината од смртта на Николески ви предаваме и три куси видеа подготвени од учениците: Евгенија Маркоска, Андреј Канатароски и Миа Танеска.
Нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“ преку Проектот: „Звучна библиотека“ финансиран од Министерство за култура во 2016 година ја објави книгата „Гоце Делчев“ од Николески во аудио форма Носител на проектот беше : Елена Долоска, Уредник на проектот: Милчо Јованоски Соработник – наратор: Сузана Стојкоска.
Ве потсетуваме на ова дело на големиот Ванчо Николески кое и денес е омилена лектира и меѓу сегашните генерации.
НУ Библиотека