14 април, 2021
Здружението за книжевност и други уметности „Креативна верига“ од Охрид, во петок, 16 април, ќе одржи онлајн промоција на збирката раскази „Интимно со пандемијата“. Сите заинтересирани љубители на уметноста, ќе можат да го проследат настанот преку следната врска: Zoom. Почетокот е во 20:15 часот.
Во збирката се претставуваат седумнаесет автори, кои творат во различни прозни форми, како: кратки-кратки раскази, класични раскази, дневник, записи, стрип, мемоари, патописи… Основната појдовна точка што ги поврзува застапените прозни дела во збирката, е соочувањето со пандемијата на ковид 19, од литературен, културен и општествен аспект и како таа се одразува врз квалитетот на животот на поединецот, семејните врски или пошироко на глобално ниво. Застапени се реномирани автори, но и млади автори, како и творци кои пишуваат извесен период, но досега немаат издадено свое самостојно дело.
Процесот на создавање на оваа збирка одбележува речиси една година, практично, некаде од периодот кога се воспоставија првите мерки за заштита на населението од ширењето на вирусот. Преку повик беа објавувани творби на фејсбук-страницата на здружението. Печатеното издание на „Интимно со пандемијата“ е потесен избор на прозни дела од сите предходно електронски објавени автори. Збирката изобилува со квалитетни прозни дела, додека содржински, покрај основната тематика, секој автор дава своја слика или доживување на целокупната ситуација. Комични, весели и оптимистички, наспроти тажни и несреќни моменти, исповеди, стравови, желби и потреби на главните и споредните ликови, реализам наспроти фантазија, случки, размислувања и отпор кон недоволно спознаеното зло што ја зафати целата планета земја, правила, забрани, но и надеж за подобро утре… Сите овие, а и многу други компоненти се застапени во збирката што, секако, ќе предизвика интерес кај читателската публика.
По промоцијата, книгата ќе се најде во продажба. Воедно, изданието е еден од многуте проекти на здружението „Креативна верига“.
НУ Библиотека