15 март, 2021 г.
За новото нормално во областа на библиотекарството
Во почетокот на 2020 година кај нас, а времето покажа дека и во целиот свет речиси никој и не можеше да претпостави што ќе ни се случи.
Првите информации дека некаде во Кина се појавил опасен вирус Ковид – 19 наречен по годината на избувнување во градот Вухан на сите ни изгледаа некако далечни и во стилот нам ништо нема да ни се случи. Животот покажа дека не било така. Слободно речно, вирусот како да се рашири со брзина на светлината и светот набргу прогласи пандемија.
Така беше и во нашата земја. По првите случаи на заразени со Ковид -19 во време кога никој не знаеше како треба да се однесуваме и справиме со подмолниот вирус, речиси први на удар беа библиотеките. Владата и ресорното министерство со уредби прво ги затворија читалните,а набргу потоа од 12 март, целосно и библиотеките.
Пандемијата тотално го промени и начинот на работа и опстојување на библиотеките не само кај нас туку и во светот. Од тука и потребата од барање можност за одредена комуникација со читателите и редовните корисници на услугите на овие институции.
Затекнати се најдоа читателите а во статус – кво ситуација беа и вработените во библиотеките кои и еве и денес бараат форми за комуникација и непречено исполнување на своите основни функции.
Затворени за комуникација со читателите во ист ден беа сите НУ Библиотеки, но и сите Јавни и локални библиотеки во Република Северна Македонија.
Какви се искуствата на дел од библиотеките надвор од земјава,за време на коронава и што преземаа тие?
Мотото на Градската библиотека во Белград е: „Културното срце на Белград“, бидејќи на љубителите на уметноста и на убавиот збор и овозможува да уживаат во бројните културно – уметнички програми во текот на целата година. Но, во март поради ширењето на епидемијата на корона вирусот одеднаш се’ застанало. Сепак, со помош на технологијата во библиотеката успеале да се изборат со новите предизвици и да ја приспособат својата програма со новонастанатата ситуација.Впрочем како и кај нас и библиотеката во Белград во текот на вонредната состојба била потполно затворена за корисниците а вработените своите задолженија ги извршувале од дома. Иако физички не можеле да се присутни во библиотеката товарот паднал на лицата од Одделението за културни програми кои покажале голема активност на социјалните мрежи, трудејќи се програмската шема на библиотеката да ја приспособат на актуелната состојба.
– Градската библиотека од Белград реализира наградни акции од типот: „Читам, не скитам“и „Читам не скитам со книга се сликам“. Конкурсите беа поддржани и од бројни познати личности пред се актери со цел да ја промовираат културата . Но, не застанавме само на тоа од 20 јули, годинава преку Фејсбук и Јутјуб профилот емитувавме серија разговори со писатели и поети под наслов: „Разговарам не скитам“, вели Сара Ивковиќ Марковиќ началник на Одделението за културни програми во Библиотеката.
Библиотеката во Лозница,Србија, родното место на Вук Караџиќ не ја прекинала работата воопшто но контакт со читателите немале. За да комуницираат со читателите дневно на сопствената веб страница и на фејсбук профилот објавувале биографии на светски и српски писатели и поети со фрагменти од нивните дела. Истовремено со помош на донатори успеале да го реновираат и детското одделение.
И во Хрватска, состојбата со Библиотеките за време на Ковид – 19 е слична. Главната библиотека „Марко Марулиќ“ од Сплит работењето го подреди според препораките на Хрватскиот завод за јавно здравје и Националниот штаб за цивилна заштита. Додека биле под клуч единствено читателите можеле да се послужат со е – книги а им било достапно и онлајн зачленувањето.
Во Калифорнија, САД , Библиотеката „Лафајет“ била затворена за јавноста по појавата на пандемијата, но персоналот сакал заедницата и понатаму да има пристап до книгите. Поради тоа, секоја недела персоналот на библиотеката шетал низ градот, пополнувајќи ги мини-библиотеките создадени токму од оваа библиотека за луѓето бесплатно да добиваат нови книги.
„Кога се појави пандемијата, стана јасно дека програмата за летно читање на библиотеката нема да може да се реализира на вообичаен начин. Нашата програма е за поттикнување рекреативно читање, читање за задоволство во текот на летните месеци“ – вели директорката на библиотеката, Мелиса Хисел.
Пандемијата удри и по библиотеките во Словенија. Во зависност од епидемиолошката слика тие се отвораа и затвораа. На пример Библиотеката во Марибор вовела прилагодено работно време за информации и предавање материјали.
„Постои интерес за позајмување книги цело време. Ние всушност овозможивме позајмување, со нарачка преку телефон или е-пошта и потоа подигнување со закажување пред вратите на библиотеката. “, објаснува Драгица Турјак, директорката на Библиотеката во Марибор. Како и насекаде , така и во Словенија библиотеките ги укинаа санкциите против читателите – заостанатите долгови и потсетниците се во мирување.
Ненадејното затворање на библиотеките ги погоди страсните читатели, учениците и студентите и пензионерите , но секако тоа им донесе проблем и на научните работници кои не можеа да стигнат до бараната литература за да ги завршат на пример сопствените истражувања.
– Охрабруваа и советите на стручните лица за полесниот помин на епидемијата. Размислувајќи за сопственото опстојување заклучив дека моето време ќе го исполнам со можните истражувања во областа на мојата животна преокупација со книжевноста. Започнав со работа пред компјутерот. Набргу запрев, бидејќи не можев да дојдам до нужната литература. За жал, не работат библиотеките, факултетите, архивите, моите втори куќи во животот. Размисливав, компјутерот не ми ги дава нужните текстови, напиша д-р Вера Стојчевска – Антиќ.
Што се случуваше кај нас во Охрид?
По насоките од Владата и Министерството најпрво ја затворивме читалната а од 18 март и целосно издавањето на книги а и библиотеката. Дел од вработените работеа од дома а некои со принцип на ротација доаѓаа на работните места за да се завршат неопходните обврски и задачи.
Неизвесноста решивме да ја прекинеме со изработката на целосно нова веб страница на нашата НУ Библиотека во која виден простор имаат аудио и видео содржините, но и идните е – книги. Решивме страницата да е интерактивна и да може преку неа и социјалните мрежи да се комуницира со јавноста и читателите. Веб страницата за еден месец ја оспособивме и стана функционална и на читателите им понудивме аудио и печатени содржини на дофат, со цел да се скрати одземената природна комуникација. По отворањето и добиените протоколи од почетокот на јули и во Библиотеката во Охрид тече „новото нормално“. Ракавиците и маските и хигиенските средства и кај нас и секаде на светот се мерило за заштита од короната речиси идентични. Нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“ е сѐ уште од затворен тип и за среќа со искуство и предност во оваа состојба која уште за жал трае.
И додека во белградската библиотека на пример, опаднал бројот на повозрасните читатели кај нас во Охрид по самото отворање на библиотеката на 6 јули па некаде до крајот јули имавме зголемена посетеност и редови како пред банките. Кај нас Ковид прекинот во работата се поклопи и со конечното воведување на Кобис системот и новата регистрација на членовите, но со посветена ангажираност на нашите колеги – библиотекари и тие проблеми за кусо време беа надминати.
– Точно е дека повеќе се чита оваа година. Читателите земаат лектири, романи, стручна литература. Најверојатно поради пандемијата луѓето не сакаат да се движат, да шетаат, и затоа седат дома и читаат книги. Бројот на читатели е над 3.000, а ги има од 7 до 77 години. Има и многу пензионери кои читаат, буквално доаѓаат со список на книги кои сакаат да ги земат и да ги читаат“, вели Гордана Змејковска, директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.
Што исфрли на површина корона пандемијата во врска со функционирањето на библиотеките кај нас?
– Искрено речено ние сме во систем и под една капа на Министерството за култура но сите сме на различниот степен на воведувањето на информатичката технологија во секојдневната работа и комуникација со читателите и јавноста.
На површина излезе недостатокот на е – изданија од лектирите за основните и средни училишта, но и белетристика и друга стручна литература.
Во Северна Македонија ретко и на прсти можат да се избројат библиотеките чии веб и фејсбук страници на пример се ажурираат еднаш или повеќе пати во неделата. Истото се однесува и со користењето на видео технологијата, Јутјуб каналите и слично.
Во нашите библиотеки треба да се обучат тимови за работа во вакви состојби на епидемија и несакани природни катастрофи.
На најголем дел од вработените им недостигаат информатички вештини а на други медиумска писменост.
„Новото нормално“ трае веќе една година. И не се знае до кога. Тоа треба да ние поука и поттик да ја развиваме креативноста но и професионалноста во нашите установи.
Ќе завршам со зборовите на почитуваната професорка од Филолошкиот факултет, Вера Антиќ: …„ Бигорскиот манастир го надживеа пожарот, Неапол го совлада вулканот, а нашата земја ќе ја надживее пандемијата само со работни показатели.“
м-р Милчо Јованоски,
Односи со јавност, НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.