10 февруари, 2020 г.
Лилјана Пандева е македонски поет, раскажувач и романсиер, родена е во 1964 година. Таа е автор на поемата „Капетаните“, избрана како најдобра на конкурсот „Григор Прличев“ за 2020 година што секоја година се доделува во чест на познатиот охридски поет и преродбеник.
Свеченоста по повод наградата се одржа во петокот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почитување на здравствените протоколи од Ковид -19 . Ден пред свечениот чин разговаравме со д-р Пандева за тоа како и зошто се одлучила да пишува поема и воедно да конкурира. За долгиот процес на создавање на нејзините дела и истражувањата кои им претходат. Јавноста и читателите имаат впечаток дека излегуваат едно по едно а таа вели некои со години ги работела и тлееле во неа.
Зборувавме за Охрид и за Прличев но и за нејзиниот стил и ракопис и секако за тоа како е во брак со познат филолог и професор и исто така писател – проф. д-р Димитар Пандев, со кого, како што ни рече д-р Пандева заеднички ја имаат страста кон пишувањето но и различен приод и сензибилитет, што можеби е и посебно и убаво.
Со д-р Лилјана Пандева, разговара Милчо Јованоски . Кликнете на линкот за да го слушнете разговорот во целост.
Лилјана Пандева дипломирала на Универзитетот Св. Кирил и Методиј на Филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје. На истиот факултет магистрирала на тема: „Поетските фигури на формата во македонската книжевност меѓу традицијата и иновацијата“, а докторирала на тема: „Адвербијализацијата во македонскиот јазик“.
Добитник на две откупни награди за краток расказ на „Нова Македонија“.
За романот „Доилката“ е добитник на наградата за најдобро прозно дело „Стале Попов“ за 2016 г.
Автор е и на повеќе стручни трудови од областа на македонистиката.
Зад себе како автор ги има книгите: Новогодишни едночинки, драмулетки за деца; Канцелариски колумни, раскази; Љубов од А до Ш и обратно, поезија; Од агендата на Калина Калин,роман; Возовите на Луцерн, роман; Доилката, роман; Дневници на една љубов, роман; Класифицирано, роман и Два Божика – роман.
Нејзините дела се преведувани на германски, на српски и на руски јазик.
Публицитет.мк
НУ Библиотека