31 јануари, 2021 г.
Во богатото книжевно и издавачко портфолио на академик Миле Миќуновиќ, прва oваа година, излезе 110 негова книга преполна со животна мудрост, едноставно наречена „Обои го животот“. Издавач е НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.
Велат секој човек е сам кројач на својата среќа или ако сакате судбина. Секој човек е со своја и нова филозофија. И најверојатно и во тоа е убавината на живеењето.
Животот наликува на концентрични кругови или атлетска патека. Некому целта му е поблиску, некому недостижна а сите се трудат да живеат подбро и да стигнат до среќата која е релативна работа.
Некому животот му наликува на воз без возен ред. Во кој се знае првата станица а крајот може само да се насетува. Во него, како и во животот влегуваат луѓе кои стануваат дел од Вас, но и многу кои веќе на следната станица ќе се симнат и никогаш нема да се сретнете. Ќе ви останат само во сеќавањата…
Што би било кога сите би биле исти во размислувањата, погледите, сфаќањата… Светот така би престанал да се движи.
Ако некој ви рече: Обои го животот. Зависно од расположението така ќе го обоите платното, ќе запишете на листот хартија, ќе возвратите некому во разговорот или пак таква песна ќе запеете.
Ако му се насмееш на огледалото и тоа ќе ти се насмее. Тагата и радоста се другарки и одат заедно – наше е да одлучиме со која побрзо ќе воспоставиме комуникација.
Меѓу кориците има 10 000 мисли, одберете и прочитајте барем по три и ако се пронајдете во некоја од нив, среќни сме ако со тоа сме ви помогнале.
Обои го животот само по Ваше. Ништо не е ниту приближно исто како оригиналот. Играјте ја главната улога во вашето битисување не дозволувајте некој да ве турне на маргините. Секој човек заслужува да биде среќен – но среќата треба да се бара…
Затоа, никогаш не се откажувајте. Биде храбри и борете се со предизвиците. Најслатка е победата која сами ќе ја добиете. Животот е еден нема реприза – некој ќе рече клише ама вистина е така.
Академик Миќуновиќ не застанува, веќе подготвува нова книга „Црквите во Охрид“.
НУ Библиотека