23 септември 2020 г.
„Пред нас е период кога сечиј придонес е важен, очекуван, потребен. Повелете, приклучете се!“, истакна министерката за култура Ирена Стефоска на денешната прес-конференција, претставувајќи ги целите и визијата на Министерството за периодот што следува содржани во мандатното писмо што го доби од претседателот на Владата, Зоран Заев.
На прес-конференцијата, која се одржа во дворот на Министерството за култура во согласност со протоколите и запазување на мерките за заштита од корона-вирусот, Стефоска истакна дека заштитата на културното наследство, евроинтеграциите и младите се трите главни столба во Програмата на Владата и во нејзиниот мандат како министерка за култура.
„Како што стои во моето мандатно писмо, во изворното значење на зборот ’министер‘ се содржи службата во интерес на граѓаните. Јас и мојот тим во оваа насока имаме благородна и одговорна мисија зашто културата и уметноста не познаваат граници и не ги делат луѓето ниту по етничка ниту по партиска ниту, пак, по родова, генерациска и која било припадност. Клучниот документ што ги дефинира основите на нашата мисија во културата е Националната стратегија за развој на културата за периодот 2018 – 2022 година, која беше изгласана во Парламентот без ниеден глас против. Ова подразбира обезбедување и осовременување на условите за работа на институциите, на независната сцена и на поединците“, нагласи министерката за култура Стефоска.
Таа истакна дека суштинската грижа за недвижното, движното и нематеријaлното богатство е врвен приоритет на нејзиниот министерски кабинет, а, впрочем, едно од клучните барања и на ЕУ кон Република Северна Македонија е токму заштитата на културното наследство.
Стефоска во своето излагање пред новинарите се осврна на обврските кон УНЕСКО, Охрид и Охридскиот Регион и потсети дека како поранешна претседателка на Комисијата за култура во Собранието, беше иницијатор за организирање на Надзорна расправа за Охридскиот Регион, од која произлегоа 22 заклучоци. Таа посочи дека не е помалку важно што во рамките на Програмата за прославување на јубилеи на историски настани и еминентни личности за периодот 2020 – 2021 година на 40. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО беа потврдени двата јубилеја предложени од нашата држава. Заедно со УНЕСКО, годинава се сеќаваме на 50- годишнината од смртта на Параскеви Кирјази, која претседавала со Советот за кодификација на албанскиот јазик во 1908 година во Битола, додека, пак, следната година УНЕСКО се придружува кон големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот на македонскиот јазик и книжевност, Блаже Конески.
Министерката за култура, осврнувајќи се на заштитата на културното наследство, истакна дека нејзина прва задача како министерка е да овозможи воспоставување на ефикасен систем за заштита на културното наследство и макотрпно, заедно со тимот и институциите, да работи на раскрстувањето со вандалскиот однос кон нашето наследство бидејќи таквиот однос кон него, сите нас нѐ носи во пропаст.
„Уште веднаш по моето стапување на должност, од надлежните институции побарав детални податоци и анализи за црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново каде што по 7 години изготвување проекти, досега се спроведени само заштитна покривна конструкција и превентива на ѕидното сликарство иако со децении сме сведоци на ужасната состојба во која се наоѓа црквата. Замислете, зборувам за културно добро од 12 век, со светска вредност!“, истакна министерката за култура Стефоска. Таа пред новинарите изрази зачуденост, зошто во последниве децении црквата „Св. Ѓорѓи“ не била прогласена од надлежните институции за културно наследство во опасност иако Законот за заштита на културното наследство го наложува тоа. Стефоска посочи дека таквиот статус, добро во опасност, значи да се мобилизираат сите стручни и материјални ресурси во земјава и да се вклучуваат меѓународни експерти и ресурси за трајно решавање на проблемот.
„Зошто досега не бил применет овој пристап и за сите други загрозени културни добра од светско и од национално значење, на пример, актуелен е случајот и со манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче, иако уште во 2017 г. Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство повеле иницијатива за негово прогласување за културно добро во опасност“, рече министерката за култура.
Таа пред новинарите истакна дека нема да бидат заборавени и спомениците од НОБ кои се еднакво важен сегмент во нашата културна меморија.
„Пред 10 дена од Секторот во Министерството побарав да изготват листа на споменици од НОБ на територијата на целата земја, кои лично ќе ги обиколам за да видам во каква состојба се наоѓаат. Затоа што антифашизмот е втемелен во нашата државност, а повоена Европа е градена на антифашистички темели. Младите генерации заслужуваат да растат и да се развиваат со вредностите на антифашизмот“, посочи Стефоска.
Во остатокот од своето обраќање таа потенцираше дека постои соработка со Град Скопје за ревитализација на централното градско подрачје по штетите предизвикани од „Скопје 2014“, а, според Програмата на Владата, за оваа цел се планира распишување меѓународен конкурс.
Процесот на интегрирање на Република Северна Македонија во Европската Унија за ресорот култура е ветер во грб, бидејќи вториот столб во Програмата на Владата и на овој министерски кабинет, како што нагласи Стефоска, се токму евроинтеграциите. Таа истакна дека во институциите на Европската Комисија имаме отворени врати за секаков вид соработка и помош, во административна, програмска, кадровска и во финансиска смисла, а пред два дена на средбата со високи претставници на Делегацијата на Европската Комисија во земјава се договорени и некои конкретни чекори. „Во пристапните преговори, културата е во Поглавјето 26. Напорно ќе работиме за успешно да го отвориме и да го затвориме ова поглавје“, рече Стефоска.
За остварување на нашата визија за модерна, секако, и на автентична култура, исткаена со боите од сите етнички заедници во земјава, неопходни ни се енергијата и креативноста на младите, со што министерката за култура најави дека младите се третиот столб во работата на овој министерски кабинет и на Владата, како што, впрочем, стои и во мандатното писмо од Премиерот до неа.
На новинарско прашање, министерката за култура Стефоска појасни дека новите Годишни конкурси за поддршка на проекти од национален интерес ќе бидат објавени во согласност со стариот Закон за културата, но, како што кажа, веќе се работи на подобрување и усовршување на критериумите за вреднување на пријавите во Годишните конкурси. Стефоска истакна дека е од особена важност и во Собранието што побрзо да се донесе новиот Закон за јавен интерес во културата, во кој, меѓу другото, се менува и моделот на финансирање во културата.
За другите прашања, Стефоска нагласи дека пред доаѓањето на есента и во координација со сите засегнати страни, установите и Комисијата за заразни болести, посветено се работеше за повторно отворање и функционирање на институциите од културата во време на светската пандемија. Протоколите за театрите, пред новинарите ги појасни советничката на министерката за култура, Јасмина Никуљска, која кажа дека во текот на вчерашниот ден на седницата на Владата биле усвоени општите протоколи за одржување настани во затворен простор, кои се однесуваат и на кината и на театарите.
Никуљска напомна дека националните установи од областа на театарската дејност имаат обврска да изготват индивидуални протоколи, бидејќи секоја институција има свои специфики, а тие треба да бидат усогласени со општиот протокол кој е усвоен од Владата. Според општите правила за реализација на настани, треба да се искористат само 30 % од капацитетите, да нема паузи за излегување во фоаје, претставите треба да траат од час до час и половина, да се менуваат филтрите на климатизерите на секои 6 месеци и друго.
Министерката за култура Стефоска го истакна и проблемот со задоцнетите плати во културата за кој беше информирана јавноста, кој се реши и се решава со мачна, деноноќна работа на сите надлежни служби во Министерството.
„Во оваа пригода сакам да потсетам дека по 15 години е потпишан нов Колективен договор во културата, кој, секако, има простор уште да се усовршува, а со тоа и работничките права во културата, за што секогаш ќе се залагам. За таа цел, вчера формирав работна група од најдобрите специјалисти во земјава, кои со претставници на синдикатите и службите во Министерството, во разумен рок ќе ги преиспитаат евентуалните правни недоследности на Колективниот договор“, рече Стефоска, која за новинарите прецизираше дека за јули сѐ уште не се исплатени плати на 2 национални установи и на 11 локални поради тоа што уште не ја доставиле потребната документација според новиот Колективен договор. Таа нагласи дека во меѓувреме, почната е работата за исплата на платите за август.
Извор: www.kultura.gov.mk