31 август, 2020 г.
Во просториите на Министерството за култура денеска беше извршено примопредавање на должноста министер за култура меѓу досегашниот министер, д-р Хусни Исмаили, и новоименуваната министерка за култура, д-р Ирена Стефоска.
Досегашниот министер, д-р Исмаили, на новоименуваната министерка за култура ѝ пожели срдечно добредојде во Министерството за култура и многу успех во мандатот, со оглед на нејзиното претходно искуство во областа на културата и заложби во Комисијата за култура при Собранието и други тела.
Новоименуваната министерка за култура, д-р Стефоска, истакна дека позицијата министер за култура на Република Северна Македонија ја прифаќа како голема чест и уште поголема одговорност.
Таа додаде дека нејзина задача како министерка е посветеност и заштита на културното наследство (недвижно, движно, нематеријaлно) и во таа смисла, раскрстување со варварското однесување кон културното наследство, бидејќи тоа нè носи во пропаст.
Министерката за култура своето прво обраќање пред новинарите го заврши со мислата на историчарот Јохан Хојзинга кој подвлекол дека „Ако сакаме да ја сочуваме културата, мораме да продолжиме да ја создаваме“.
Извор: Министерство за култура