19 април, 2023 г.
НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид во соработка со Меѓународната академија „Михаи Еминеску“ од Крајова – Романија од 19 до 22 април ќе биде домаќин на Светскиот поетски патувачки фестивал „Прличев и Еминеску – поглед кон иднината“.
Во Охрид се очекува да допатуваат поетите: Јон Деаконеску, Константин Барубу од Романија, Тибор Залан -Унгарија, Бојко Ламбовски – Бугарија, Атила Балаж – Словачка, Градимир Гојер – Босна и Херцеговина, Јетон Келеменди и Љуљзим Тафа – Косово и македонските поети: Зоран Анчевски, Славе Ѓорѓо Димоски и Иван Антоновски.
Во рамки на тридневната програма поетите утре – четврток, во Прличевата одаја на охридската библиотека заеднички ќе ги прошират видиците преку размена на информации за животот и творештвото на двајцата исклучителни поети Григор Прличев и Михаи Еминеску кои живееле и твореле во 19 век, не се познавале но според критиката, секој засебно се симбол на најпознати и најценети поети од тој период во македонската и романската книжевност и култура.
Учесниците на Светскиот поетски фестивал следните два дена ќе имаат можност преку неколку читања да го претстават своето лично творештво. На кафе средба во култниот „Аквариус“, во манастирските комплекси „Св Наум„ и „Св Спас“ ќе се инспирираат за да ја напишат најубава песна за Охрид.
Светскиот поетски патувачки фестивал, Проект на Библиотеката од Охрид е дел од нејзината Годишна програма за работа финансирана од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Нивниот партнер за овој Меѓународен проект – Меѓународната академија „Михаи Еминеску“ од Крајова – Романија меѓу своите основачи има двајца добитници на Нобелова награда. Академијата е единствена институција во Романија поканета од Кралската Шведска академија и Нобеловиот комитет да номинира кандидати за Нобеловата награда за литература.
НУ Библиотека