12 јануари, 2022 г.
Деновиве од печат излезе монографијата „Прличеви беседи- хроника на еден културен настан“ од авторите Милчо Јованоски и Гордана Змејкоска. На почетокот на февруари со неа во Охридската библиотека која го носи неговото име ќе биде одбележана 70- годишнината од иницијативата за почеток на оваа културна манифестација која го слави делото на поетот кој што по добивањето на наградата за најдобра поема за делото „Сердарот“ во Атина, е наречен втор Хомер.
Во Охрид кај културната јавност сè уште постои убедувањето дека за Прличев не е се докрај истражено и откриено, а е сврзано со негивиот животен пат и творештвото. Монографијата „Прличеви беседи-хроника за еден културен настан“ го носи сведоштвото на академикот Милан Гурчинов за Прличев кој вели дека треба да се слави неговата бесмртност не само како наш литературен предводник туку и како човек кој што зборувал, читал и пишувал на 10 јазици, а такви луѓе според него не сме имале многу во нашата историја.
„Оваа монографија за прв пат го содржи кажувањето на Санте Пирузева која всушност е една од современиците на Григор Прличев од времето, забележана уште во 1945 година од нашиот охриѓанец Миле Волканоски, но досега не е објавена во пишана форма. Она што всушност таа го кажувала за Прличев и неговите средби со охриѓани во црквата Свети Климент Охридски каде што тој ги држи сите говори и беседи“, изјави Милчо Јованоски, еден од авторите на монографијата.
Ова е само едно од забележаните истражувања кое за прв пат останува запишано во монографијата, а во неа се содржани и беседи на охридски и македонски поети кои на свој начин го величаат Прличев и говорат за поемата како жанр.
„За прв пат овде се застапени книгите од Завод и Музеј и дел кои што се работени од нашата национална установа, а сврзани со беседи поврзани со делото на Прличев создадени од странски автори. Досега ги имаше како поединечни книги, но сега се обидовме да ги собереме и сублимираме на едно место“, вели Јованоски.
Во монографијата е забележано и искажувањето на д-р Георги Сталев кој што уште во 2005-тата година во својата монографија за прашањето чиј бил Прличев рекол дека тоа не е толку битно, но во оваа травматична заплетканост се препознава дека бил македонец и останал македонец затоа што се што сторил, сторил за Македонија.
Сашо Нелоски МТВ