Друштво на писателите на Македонија ( ДПМ) e професионално здружение на писателите од Македонија. Друштвото било формирано на 13 февруари 1947 година, од страна на осум писатели: Васил Иљоски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле и Ацо Шопов. За прв претседател на ДПМ бил избран Блаже Конески.
Претседател на ДПМ во два мандати бил Гане Тодоровски (1969-1971 и 1985-1986). Од јуни 2004 до мај 2006 на чело на ДПМ бил Трајан Петровски, кој на таа функција дошол на местото на Веле Смилевски. Од мај 2006 година, функцијата претседател на ДПМ ја вршел Јован Павловски, кој претходно, во два мандата бил на челната позиција на ДПМ. Друштвото ја издава и книжевната ревија „Стожер“.
Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска ќе им ги врачи наградите на добитниците чии дела се избрани за најдобри во 2025 годдина, според одлуките на жири-комисиите за секоја од петте годишни награди што ги доделува писателската асоцијација.
Како што ДПМ соопшти пред два дена, Оливера Ќорвезироска ја доби наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело објавено минатата година, за нејзиниот роман „Три Марии“, издание на „Арс Ламина“. На конкурсот за оваа награда биле пријавени 17 дела, а одлуката ја донесе жири под претседателство на Соња Стојменска-Елзесер.
Бранко Цветкоски е добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка за книгата „Вообразби: лирски етиди од некој друг свет“ во издание на „Макавеј“, по одлука на жирито предводено од Иван Џепароски. За оваа награда на конкурсот биле пријавени 16 поетски книги.
Авторката Хана Корнети е добитничка на наградата „Ванчо Николески“ која ДПМ ја доделува за најдобра книга за деца и млади. Корнети е наградена за книгата „Илина и тајните на Бабин заб“ во издание на „Или-или“, според оценката на жирито со кое претседаваше Симона Јовановска. За оваа награда годинава конкурирале 13 книги.
За наградата „Димитар Митрев“ за книга есеи и критика за 2025 конкурирале четири наслови и е избрана книгата на Елизабета Шелева – „Книжевни созвучја и огледала“, издание на „Сивејан“, според жири-комисијата под претседателство на Наташа Аврамовска.
По неколку години пауза, ДПМ втора година ја додели и наградата „Мост“ за најдобра книга објавена на некој од јазиците што ги зборуваат заедниците во земјава. Од три книги што биле пријавени на конкурсот годинава, наградата ја доби „Embsuame Paskajore“ („Инфинитивна поука“) од Ахмет Селмани, објавена од „Академска мисла“. Со жирито што одлучуваше за оваа награда претседаваше Делвина Крлуку.
НУ Библиотека












