16 април, 2025 г.
Во пресрет на големиот христијански празник Велигден денеска вработени во НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид и Елена Обухова од Почесниот конзулат на Руската федерација во Охрид беа во посета на ООУ „Братство – Единство“ во населбата Лескајца и заедно со учениците од четврто одделение и нивната наставничка Елизабета Здравеска имаа креативна работилница за изработка на велигденски честитки.
Даниела Ристеска, Кети Ѓорческа и Владимир Куциноски им помагаа на учениците да ги направат што поубави честиките за Велигден во кои доминираше црвеното јајце.
Најголемиот дел од нив ќе завршат во домовите на децата а останатите ќе ги подарат на лица кои го слават празникот Велигден.
Елена Обухова накусо ги запозна децата сите присутни со руските обичаи за овој ден, кои се многу слични со македонските и рече:
– Секој Велиден во Русија традиција е најмногу да се бојадисуваат црвени јајца, а другите се јајца кои се вапцуваат со восок. Се даваат на новороденчиња, младоженци и на гробишта. Исто, како и кај нас и таму црвените јајца се бојадисуваат на Велик четврток сабајле, а останатите во различни бои во сабота.
Во минатото се верувало дека највредно е јајцето кое ќе ви го даде свештено лице и дека има лековита моќ. Ако се јаде ќе донесе здравје дури и ако се чува цела година, или од 3 до 12 години.
Во Русија, исто така се верува дека лушпите од јајцата кои се носат во црква не треба да се фрлаат бидејќи ќе дојдат самовили, ќе направат кајчиња и ќе избегаат или оној кој ќе ги фрли лушпите ќе се разболи од треска, кажа Обухова.
НУ Библиотека