18 септември, 2024 г.
Во присуство на голем број почитувачи на пишуваната реч и на авторката Наде Ќосеска денеска во Прличевата одаја беше промовирана нејзината втора збирка раскази „Животен калеидоскоп“. Оваа книга на Ќосеска е наградена од страна на издавачот Дата ПЕСНОПОЈ од Битола со наградата ПЕЛИСТЕРСКИ РАКУВАЊА.
Како што рече промоторт на книгата Томе Скендероски книгата содржи 22 раскази, поточно кажано: бисери од раскази. Како интро поместена е ода за Сонцето, која воодушевува со начинот на кој е претставен восхитот од Сонцето, нашата ѕвезда која ни дава живот и радост. Но слободно може да се каже дека оваа ода е и мото на оваа книга. Свое обраќање на промоцијата имаше и директорот на НУ Библиотека „Григор Прличев“ м-р Милчо Јованоски и секако авторката Ќосеска. Извадоци од расказите читаше Јелена Јованоски.
Во продолжение прочитајте ја промотивната реч на Томе Скендероски:
Насловот на книгата точно ја отсликува суштината во која ќе се продре по прочитаните раскази а тоа е животот на човекот со сите негови убавини, маки и трагедии како и борбата за живот, малку среќа и надеж. Секој расказ е своја судбина, свој проблем и слика за себе а сите раскази кои го опишуваат животот го претставуваат ефектот од калеидоскопот, таа чудна оптичка направа со асоцијација дека животот е волшебен, вреден за живеење и, иако наизглед нелогично, е бесконечен во своите изданија т.е. претстави.
Наде го слави животот. Тоа е факт. Таа не кука над несреќната судбина туку бара решение за повторно воспоставување на среќата и смислата за живот. Ќе рече во своите раскази: “Животот има радост ако се најде смислата која тебе те полни и успокојува и иако таа е надвор од вообичаеното стандардно клише.“ или “Нашиот живот може да има толку смисла колку што можеме ние да му дадеме.“ Нема нерешлива ситуација па колку и да е несреќата голема. Како извонреден дијалектичар решението го гледа во борбата за среќа и исполнет живот, во простувањето, а во случај на трагедија со неповратни последици, излезот е во прифаќањето на тој настан како нешто што морало да се случи или требало да се случи или едноставно се случило без некој повод. Но интересен е методот кој го користи во описот на човековите судбини во своите раскази. Тоа е познатиот дијалектички закон за двојна негација или негација на негативното. Мала дигресија: нашиот народ има многу убава изрека: СЕКОЕ ЗЛО ЗА ДОБРО ДА Е! Е токму механизмот како злото придонесува во ново, повисоко од старото добро, е прикажан во излагањето кое следи. Имено, се тргнува од теза или афирмација (тоа е среќен, исполнет и безгрижен живот, живот на детето и слично) која неминовно природно е изложена на удари и нарушувања кои врз неа ја прави опонентот или антитезата (а тоа е несреќа, трагична загуба и слично) и тоа е првата негација. Логична е таа релација, затоа што нема вечна статичка состојба. Тука треба да се бара никулецот на развојот, движењето.
Овај конфликт не резултира со слепа победа до ништење на едната или другата позиција (тезата или антитезата), туку природно резултираат со нова негација на веќе постојната негација (е токму тука е магијата!), која синергија на тие негации ја нарекуваме синтеза и така доаѓаме до нова повисока фаза (или комплементарност на негациите) која во тој момент е решение на проблемот и славење на животот, т.е. нова, повисока состојба. Синтезата можеме да ја именуваме како нова теза за вечниот круг на развој да може да продолжи до бескрај што е природна релација. Токму тука, со синтезата, нашата Наде го завршува својот краток расказ нудејќи природно решение на проблемот. Тоа е тој мелем за нашите души и врвна психотерапија која успокојува, релаксира, ослободува, бодри и дава смисла на животот. Оваа тријада (теза, антитеза и синтеза) одлично е изложена во расказот ЖЕЛЕЗНАТА ПТИЦА
Изразот во расказите е кадифен. Мек и питом јазик користи Наде. Вистински празник за душата. Читајќи, како памук ја разгалува душата и истовремено како со медицинска игла прецизно пенетрира до најдлабоките наши дамари. Тоа е висока уметност и умешност на изразот која малкумина писатели можат да си ја дозволат. После читањето на расказот во блажена состојба е читателот но истовремено силно, јасно и чисто дадена му е формулата за среќа и надминување на проблемот но и со сопствено силно залагање. Дали има наивност во расказите? НИКАКО! Расказите се сурова реалност која воодушевува и се донесени со разбирлив и блажен јазик.
Неколку зборови за стилот. Очигледно е дека Наде е голем фан на реализмот. Повеќето раскази припаѓаат на тој стил. Одлична е во реалистичкото прикажување и може да се носи дури и со Лав Толстој. Но и мистиката не и е страна. Тоа јасно се гледа во неколку раскази од кои би го издвоил РЕСТОРАНОТ НА КРОВОТ кој расказ воодушевува со својата мистика помешана со извонредни трилер елементи. Исто така, Наде е голем мајстор на метафорите. Така, со нивна помош елегантно создава паралели на сложените реални ситуации што кога тие метафори ќе се впрегнат се добиваат извонредни алегории на ѝ најкомплицираните ментални процеси и случувања како и описи на некои физички феномени. Дека Наде суверено ја владее човековата психологија не треба да се става на дискусија. Јасно, бритко и луцидно ги третира и најсложените психолошки премрежија и феномени. Тоа се докажува преку содржината на расказот ТАЈНАТА СЕ ОСВЕТЛУВА во која е прикажана една трагична судбина на мајка на која и го одземаат новороденчето при самото породување заради срам во селото и преку расказот АВТОБИОГРАФИЈА во кој е прикажана скица на еден трагичен живот со јасно искажана желба за праведност.
За крај, како илустрација, кратко ќе анализирам два раскази кои со тешка мака ги издвоив.
Првиот е со наслов ЉУБОВТА НЕМА ПРАВИЛА. Поентата во овај расказ е дека животот како феномен, во кој органски се содржи и љубовта, нема правила. И тоа е таа радост, тоа движење и творење како и борба за опстанок и воопшто живот кој е својствен на човекот. Секој си има своја борба. Единствена, уникатна. Роза е феноменална млада дама. Исклучително способна, работна и емотивна. “Новинарската фотографија е нејзиниот позив. Нејзините фотографии беа продолжение на нејзините чувства, мисли но и на нејзината личност.“- ќе запише Наде. И се случува љубов. Љубовта е слепа и така мора да биде. Таа детерминанта е зададена од Бога. Бог единствено го интересира породот и затоа на љубовта не и го приуштил разумот. Успева Бог во тоа: таков е поредокот. Роза забременува. Нејзината љубов Милан е шокиран од радосната вест и нештата ги подредува математички, логички и хронолошки не признавајќи емоции, нагони, делириуми и привремени губења на свеста. Едноставно, не може да се соочи со реалноста, со себе, со Роза, со родителите и притисокот од градот и ја напушта Роза, бега од неа, бега од градот. Роза собира сили и продолжува сама, потполно сама, без и поддршката од своите родители. Триумфира животот и љубовта кон исконот и кон смислата за живот. Професионално успева да се реализира во друг град, се раѓа синот Иво. Го знае клучот на животот, а во нејзиниот случај тој е да го зачува породот во својата утроба и потоа да го подготви синот за живот.
Овај расказ е типичен пример и воопшто доказ за вистината која лебди секаде во животинскиот свет а таа е дека жената како институција ја знае тајната. Мажот не смее да ја знае тајната затоа што се’ ќе упропасти. Мажот нема капацитет да ја дознае тајната! Рожба не прави разумот или рациото. Рожба прави емоцијата, исконот, сладострастието кое кулминира со “мала смрт“ како што би рекле Французите.
Вториот расказ носи наслов ТАЖНИ МЕСЕЦИ. Траор се провлекува во расказот. Неподнослив траор, долготраен, најмачен, најтежок, … вистински пекол. Најтежок затоа што болеста е неизлечива и љубената мајка и сопруга секојдневно по малку умира. Нема надеж за нејзиниот живот. Физичката смрт е прашање на денот. Но знае болната мајка дека сепак е победник, не знаејќи триумфирала со самиот факт што оставила зад себе две прекрасни деца и дека има волшебна љубов со својот сопруг. Сепак, живот е тоа. Бог никогаш не ни дава товар поголем од она што можеме да го носиме. ДА, трагедијата резултира со вечната мудрост која учи дека раната е местото каде што светлината продира во срцето и во разумот: така не учи Руми. Животот продолжуваме да го живееме со уште поголем пркос, е неизречениот аманет на мајката која со смртта ја победи смртта како што учи Вечната книга, а самата мајка е воздигната во светица чиј оган вечно ќе пламти, ќе мобилизира, ќе вдахновува, ќе дава смисла на постоењето. Сведоци за тоа се поклонетите животи на двете прекрасни деца и љубовта која нив ги створи. Запечатено е од Бог.
За самиот крај од оваа моја презентација можам да кажам единствено дека нашата писателка Наде Ќосеска комотно може да се закити со епитетот МАЈСТОР НА КРАТКИОТ РАСКАЗ.
Фото: Петар Паунче Скитник
НУ Библиотека