19 август, 2024 г.
Неодамна познатата македонска хуманистка и писателка Вера М Самарјанин од Битола во Велес од страна на општината и Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ доби признание за најплоден македонски автор од осамостојувањето до денес.
Да потсетиме Самарјанин од 9 октомври 2018 година е почесен член на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид .
По добивањето на занчајното признание во Велес, Вера М Самарјанин се огласи на социјалните мрежи и напиша:
-Мили мои роднини и пријатели. Ви благодарам за искрените честитки на сите, по повод наградата за “Најплоден писател” за овие 33 години, од осамостојувањето на Македонија до денес.
Тоа е само квантитет, а за квалитетот ќе говорите вие кои сте прочитале нешто напишано од моето перо и критичарите.
Велат се учи од најдобрите, најмудрите. Јас ја имав таа прилика и прво од животот учев, а се надополнував од многу помудрите од мене. Не ми беше никогаш под чест, да се консултирам со некого и од моите блиски, да примам совет да послушам. Прашував, се консултирав и никогаш не престанав да ги слушам и следам. Јас по природа велат дека сум послушна. Така овие мои дела, немаше да излезат на бел ден без сите вас. Сам никој ништо ме може да направи, а јас тоа го научив и го почитувам.
Но како што реков, тоа е засега само квантитет, со кој не сакав да се натпреварувам, а нема да кажам дека денес не сум горда за тоа.
Но искрено сметам дека уште поголемо е моето хуманитарно дело, давањето. Тоа што издадов 121 книга, некоја во поголем, а некоја во помал тираж, е голема работа и голем трошок за моето семејство и за мене.
Мојата радост е над се’ од тоа што сите тие книги ги подарив насекаде каде што стигнав.
Пак велат дека сум писател, а јас само ја продолжувам својата мисија на дарување која пред пишувањето ми ја полни душата со милина, а срцето ми го радува.
Нема поголема радост од тоа кога ќе подарам Сликовница и кога ќе израдувам дечиња, кога на возрасните во Домовите им покажам дека и на нив мислам, кога на млад писател ќе му дадам искрен совет и така ќе му помогнам, во се’ она што се вика помош, а за тоа не барам признание, тоа моето срце дарува и се радува.
Ви благодарам на сите уште еднаш за преголемата чест и за тоа што го вреднувате секој мој труд.
“ГОСПОД НЕ ДАРУВАЛ ЗА ДА ДАРУВАМЕ, само тоа што го даруваме секогаш останува наше, напиша на својот фејзбук профил Вера М Самарјанин.
НУ Библиотека