Промовирана книгата „Млечни заби“ од Хана Корнети

Промовирана книгата „Млечни заби“ од Хана Корнети

Posted by Milco Jovanoski in Околу нас 12 Nov 2023

12 ноември, 2023  г. 

Љубителите на пишуваниот збор од Охрид деновиве се запознаа со првата книга на Хана Корнети „Млечни заби“. Како што рече промоторот Глигор Стојковски, авторката преку оваа збирка раскази на читачката публика и го доближува својот свет, светот на младите кои ги чувствуваат проблемите и случувањата со кои се соочуваат луѓето.

Во Охрид е промовирана дебитантската книга „Млечни заби“ од Хана Корнети во која авторката низ раскази впечатливо ни ја приближува својата генерација млади луѓе родени во 90-тите.Промоторот Глигор Стојковски рече дека книгата го привлекла вниманието на читачката публика на две нивоа. Првото е начинот на којшто ги раскажува своите приказни, а второто е светот што ни го доближува.

„Опфатени се магистрални теми, понудена е една исклучителна книжевна опсервација и аргументација на она што го кажува и пишува, а најбитно од сè што книгата е исклучително читлива. И за најсериозните работи кога пишува Хана Корнети, таа пишува на начин којшто ќе го привлече секој читател независно од која возраст е, дали од нејзината или мојата“, изјави Глигор Стојковски-промотор на книгата.

Корнети рече дека книгата е игра на прераскажување за прво неа да и биде поубаво, а после и на тие што ја читаат.

„Мислам дека пишувањето е за мене начин да ги направам секојдневните работи во свој стил, да си направам свои приказни. Има инспирација од работи што се случиле, што не се случиле, што мислам дека би било поинтересно така ако се случиле“, изјави Хана Корнети-авторка на книгата.

Кон крајот на декември ќе биде промовиран првиот роман на оваа млада авторка „Илина и шумските тролови“.

Според Корнети станува збор за солидно четиво кое младите со уживање ќе го читаат, но и возрасните љубители на фантазијата.

Сашо Нелоски. МРТ 

НУ Библиотека