25 февруари, 2022 г.
Единствено живо битие на Земјата што може да се смее е човекот. Како што секоја клетка во човечкиот организам има своја функција, така е важна и улогата на насмевката. Секому му е потребна насмевката, без разлика на карактерот, на верата, на расата, на годините или на животната средина. Не само што го освежува нашиот живот, туку поттикнува низа позитивни процеси во нашиот организам што нè прават поотпорни на разни болести, вели авторот, академик Миле Миќуновиќ.
Во пословиците се укажува дека смеењето е најдобар лек. Тоа не е далеку од вистината. Иако не е докажано дека со смеењето е излекувана некоја болест, за влијанието на смеењето на здравјето се зборува со векови.
Хуморот го брка стресот. Подигнувањето на доброто расположение е составен дел на многубројни антистрес-програми, зашто смеењето го намалува новото на стрес-хормонот, како што е: адреналинот, допаминот и кортизолот. Во ова време, кога најмногу дејствуваат вирозите, треба да се знае дека смеењето го зајакнува имунолошкиот состав.
Добро е да правите добро, а уште е подобро е да дарувате насмевка, која ништо не ве чини, а делува волшебно.
Целта на оваа моја 115 книга не е омаловажување ниту навредување на конкретни личности туку исклучиво хумор и забава. Се продолжува историјата на македонскиот хумор, оставајќи трајна трага за оваа сфера од општествениот живот. Најголемата добивка од смеењето е на психичката и на емоционалната сфера, заклучува д-р Миќуновиќ.
НУ Библиотека