„Моја замисла и предизвик е да ги мотивирам колегите да излезат од комфорната зона на секојдневните обврски и да се вклучат во низа креативни процеси и проекти. Заеднички ќе работиме Библиотеката да е место од доверба, кое граѓаните ќе го чувствуваат како мост помеѓу образованието, културата, информативноста, науката, уметноста, бизнисот и секако, хуманизацијата на личноста и околината и креативно и содржинско исполнување на слободното време“, вели во разговорот за весникот „ВЕЧЕР“, директорот Јованоски. Тој посочува дека токму годинава Библиотеката слави јубилеј, 70 години постоење. Според него, време е и да се покрене поширока општествена акција Охрид да има Библиотека која ќе функционира во новоизграден современ објект по сите меѓународни стандарди…
Милчо Јованоски е новиот директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид. Тој има завршено Филолошки факултет, група македонски јазик и југословенска книжевност, магистер е по медиуми и комуникации, а од неодамна го поседува и звањето виш библиотекар. Зад себе има над тридецениска кариера како новинар и публицист, а бил и главен и одговорен уредник и директор на Радио Охрид.
Вашата програма за работа на установата од страна на Министерството за култура е оценета за квалитетна и со развојна компонента. Што, всушност, ќе биде во фокусот на Вашето раководење во наредниот четиригодишен мандат?
Во едно интервју тешко е да се наброи сè што е запишано во обемната програма. Моја основна максима како човек и раководител е: Максимален ангажман за ист таков резултат, задоволни читатели и задоволни и креативни колеги. Поединецот не може ништо сам. Кормиларот е важен. Претходното искуство на раководна функција, а и работата во библиотеката ми даваат надеж дека сите како тим ќе успееме. Мандатот го почнувам во време на штотуку разгорена енергетска, а со тоа и економска криза и во време на пандемија од ковид-19, која никако да заврши, а во огромен дел како и на сите во општеството и нам како Библиотека ни ги ограничува можностите за работа, развој и што е најважно активирањето на низата проекти и замисли кои тешко можат да се реализираат во вакви услови. Но, се чини ние библиотекарите и воопшто културните работници, тоа сме го докажале, како да сме навикнати да работиме во посебни услови, градејќи нови форми на воспоставување контакт со читателите и јавноста.
Со оглед дека веќе имате искуство и сте виш библиотекар, ги знаете состојбите во Библиотеката. Какви предизвици стојат пред вас?
Привилегија е да се работи во Библиотека опкружен со најголемото богатство – книгите. Пред неполни четири години се вработив во Библиотеката која со гордост го носи името на големиот преродбеник од 19 век Григор Прличев. Од новинарските води, иако и претходно соработував со Библиотеката на проекти сврзани со литературата се „преселив“ тука. На почетокот ми недостигаше динамиката присутна во медиумите, трката со времето… Овде е многу поинаку, стресот го има, но е далеку помал. Работата во библиотека ви дава шанса за едно послободно и без брзање креативно размислување и доаѓање до решенија. Моја замисла и предизвик е да ги мотивирам колегите да излезат од комфорната зона на секојдневните обврски и да се вклучат во низа креативни процеси и проекти од кои и самите ќе имаат полза. Животот се состои од секојдневно учење и откривање нови хоризонти. Заеднички ќе работиме Библиотека да е место од доверба, место кое граѓаните го чувствуваат како мост помеѓу образованието, културата, информативноста, науката, уметноста, бизнисот и секако, хуманизацијата на личноста и околината и креативно и содржинско исполнување на слободното време.
Сè уште сме во пандемиски период кој изминатите две години беше исклучително тежок за сите културни институции. Колку НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид успеа и во овие услови да ги заинтересира читателите и граѓаните за своите содржини?
И во периодот кога условно бевме под клуч од март до почетокот на јули ние работевме. За нецел месец од корен беше направена нова веб-страница на библиотеката во која е интегрирана и архивата од старата и веднаш како неопходност се постави задачата преку неа и социјалните мрежи да пласираме видео и аудиоматеријали, да споделуваме е – книги, а воведовме линкови и до дигиталните библиотеки во Скопје и Битола, а имавме и зум-средби. Преку видеоклипови сврзани со годишнини и празници ги активиравме авторите од Охрид и пошироко и на тој начин ги држевме и читателите во кондиција. Со следење на здравствените протоколи можеме како библиотека да се пофалиме дека бројот на читатели и прочитани книги во време на пандемијата се зголеми. Првите денови по отворањето имаше редови како пред банките… До декември, функциониравме во простор од 260 метри квадратни, во кој беа сместени над 150.000 библиотечни единици. Благодарение на агилноста на мојата претходничка, колешката Гордана Змејковска, лани ја завршивме преселбата на пултовите за издавање и најголем дел од библиотечниот фонд и работиме со читатели, но откако ќе помине пандемијата библиотеката конечно ќе биде од отворен тип. И покрај проширувањето потребата од изградба на нов модерен објект, по сите меѓународни стандарди, е сон на вработените и читателите. Охрид дефинитивно треба да има нова библиотека и време е за покренување една поширока општествена акција да се изнајдат начини за нејзина изградба.
Во која насока го гледате развојот на Библиотеката во однос на младите генерации, кои се опкружени со интернет технологијата и социјалните мрежи?
Несомнено развојот на технологијата неповратно го промени односот на луѓето, особено на младите кон книгите. Сепак, книга отпечатена на хартија се чини сè уште е најтрајниот начин да се зачува творештво. Мирисот на книгата и чувството додека ја имате во рака е незаменливо. Ни престојат проекти за посета на училиштата и обратно на учениците во библиотеката, средби со автори, промоции, креативни работилници кои ги имавме и во минатото и постојано збогатување на книжниот фонд со актуелна литература од домашни и странски автори. Процесот на дигитализација е започнат. Се надевам дека ќе се одвива координирано на ниво на држава. НУБ „Св Климент Охридски“ е носител на процесот, а ние ќе ги користиме нивните искуства. Апелирам за создавање еднакви технички предуслови и подоцнежна достапност на дигитализираниот материјал до јавноста. Морам да признам дека преку работата на неколку книги, сврзани со минатото на нашата и други институции во Охрид, сфатив дека на планот на архивирањето и зачувувањето на документи и фотографии за жал малку е работено. Без минатото немаме иднина. Клише е ама е вистина. Тоа под итно треба да се надмине и по пат на дигитализација.
Со кои проекти прво ќе се зафатите и што сметате дека е приоритет?
Годинава за нашата Библиотека е јубилејна, славиме 70 години откако таа го носи името на Вториот Хомер – Григор Прличев. На почетокот од февруари не очекува манифестацијата „Прличеви беседи“, а токму пред седум децении се родила иницијативата за нејзино одржување. Приоритет е заштитата на стариот фонд од книги и архивирањето на богатата периодика. Ќе се ангажирам конечно библиотеката да добие пристапна рампа и за лицата со посебни потреби. Во очекување на резултатите од прифатените проекти со кои конкуриравме во ресорното министерство ќе следи отворањето на Италијанското библиотечно катче, а во Прличевата одаја ќе има место и за литература на други светски јазици.
Даниела ТРАЈКОВСКА. Вечер