14 август, 2021 г.
Синоќа во атарот на црквата Св. Петка во Велгошти, се одржа традиционалната културна манифестација “Вечер на Живко Чинго“, посветена на познатиот раскажувач и писател Живко Чинго.
На Јована Матевска Атанасова и беше врачена наградата за најдобар расказ за расказот “Пура во Осака“ а беше промовирана и антологијата “Книга за Чинго“ подготвена од проф. д-р Димитар Пандев и проф. Славе Ѓорго Димоски.
Од името на Општина Охрид пред присутните се обрати, претседателката на советот на општината, Живка Ангелоска.
– Почитувано семејство на Живко Чинго, почитувани дами и господа, драги пријатели,
Волшебната Пасквелија и оваа година не собра на едно место, за да искажеме должна почит, на магот на пишаниот збор, најголемиот македонски раскажувач, еден од најголемите синови на Велгошти и Македонија, вечниот Живко Чинго. Чествувањето на великанот преку манифестацијата “Вечер на Живко Чинго“, ја покажува нашата сегашна определба, а воедно е и аманет за идните генерации, делото на големиот книжевник, засекогаш да биде запаметено во колективната меморија на Охрид и Македонија. Со вечерашново чествување, исполнуваме само мал дел од обврската кон сите великани кои оставиле културен и цивилизациски белег во милениумската историја на Охрид и Македонија, а Живко Чинго е во самиот врв на таа листа на достоенственици.
Веќе неколку децении, Конкурсот за најдобар расказ, што го распишува Општина Охрид, е во врвот на македонските книжевни манифестации. Секоја година расте конкуренцијата и во бројот на пристигнати раскази и во литературниот израз, што покажува дека ликот и делото на Живко Чинго се слави на најсоодветен начин. Неговото творештво е во врвот на македонската литература, а преку преводите е значаен дел од светското книжевно наследство. Почитувани присутни. И вечерва како и секоја година, кон сите, а посебно кон идните генерации, замолница и аманет: Читајте го и славете го творештвото на магичниот раскажувач, нашиот вечен Живко Чинго – истакна во своето обраќање Ангелоска.
Лауреатот за најдобар расказ Јована Матевска Атанасова, која втора година по ред ја добива престижната награда, истакна дека за неа ова е огромна чест и врв на досегашната нејзина писателска кариера.
За првото издание на “Книга за Чинго“, зборуваше проф. д-р Виолета Ачкоска и проф. д-р Димитар Пандев. Во неа се поместени бројни прилози на домашни и странски писатели и литературни критичари, кои фрлаат нова светлина врз великанот Живко Чинго.
Претставници на општината и училиштата , село Велгошти и други институции положија свежо цвеќе во знак на почит на великанот Чинго. Почит на писателот во име на НУ Библиотека „Григор Прличев“ му одадоа и колешките: Мариче Боздоганова, Елизабета Бојчевска и Нада Ристеска.
Примероци од „Книга за Чинго“ доби и нашата библиотека од која приредувачите користеа дел од богатиот книжен фонд на нашата установа.
Вечерта беше збогатена со извонредниот музички перфоманс на младите академски музичари Даниела Петкоска и Милош Дрпа.