18 март, 2021 г
Роднокрајниот поет, преведувач и професор по македонски јазик Славе Ѓорѓо Димоски денес го слави својот 62 роденден. Ексклузивно за веб порталот на нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“ во чиј фонд се сите негови книги ја сподели информацијата за излегувањето од печат на неговиот препев на вечниот Есенин.
-За прв пат на македонски јазик ги имаме стиховите од „Кафеанска Москва“ – книга која во литературата го удри печатот „есенинштина“. Изборот на песните, препевот и есејот (има 40 стр,) се мои; издание на ПНВ Публикации и прва книга од едицијата КОЛОСИ. Еве, со задоволство ви давам ексклузивно дел од есејот и три песни од „Кафеанска Москва“ што вие од библиотеката за првпат ќе ги објавите на македонски јазик и две , исто така ексклузивни, фотки. На едната Есенин е со Исидора Данкан, ни напиша поетот Ѓорѓо Димоски.
Во животот на Есенин се провлекувале бројни жени, од кои, некои биле само попатни, кратки љубовни авантури, а другите оставиле голема трага врз неговиот емоционален живот и биле инспирација за неговата поезија. Иако не постојат прецизни податоци, се верува дека Есенин се оженил дури пет пати. По фаталното вљубување . само една година бил во брак со со француско-американската балерина Исидора Данкан која била постара од него дури 17 години. Уште при првата средба се родила взаемна љубов на прв поглед. Најпрвин, тие комуницирале буквално низ емоциите, бидејќи ниту таа знаела руски , ниту тој разбирал англиски, а се разбирале само со понекој збор на француски.
ЕСЕНИН: ЖИВОТ, ВОСХИТ, ЛЕГЕНДА НА СУРОВОСТА
Сергеј Есенин е поет кој ѝ припаѓа на една славна плејада руски творци кои зрееја во виорот на историските настани од почетокот и првите децении на XX век: Првата светска војна-дотогаш најголемата човечка кланица, Октомвриската револуција која, според Џон Рид, го потресе светот и суровата граѓанска војна во штотуку испилениот Советски Сојуз.
Таа плејада (Мајаковски, Хлебников, Цветаева, Пастернак, Ахматова, Борис Пиљњак, Мандељштам, Северјанин, Сологуб…) автори и авторитети, сите со ред го платија цехот на новото време, а нивното дело не само што го издржа туку и го надмина столетието во кое се создаваше.
Местото на Сергеј Есенин е меѓу нив, поет, навидум спротивен од тогашните поетски заложби, бидејќи цивилизацијата, железото, бетонските градби, сивите контури на градовите за него претставуваа зло коешто се спротивставува на „идеалите на исконската природа“.
Неговата поетска слика што е во постојано движење, во преобразба, не е изградена само од визуелни, туку и од звуковни елементи кои ја зголемуваат динамиката на сликата, така што, наспроти другите „селски поети“, кои останаа во калта на фолклорните славопојки и жалопојки, Есенин дејствува како модерен и актуелен поет.
По разни поводи и годишнини, не само во Русија, се навраќало кон овој поет. За неговата популарност во еден добар дел придонесува и неговата несекојдневна и романескна биографија, која во многу нешта е завиена во превез на мистерии и шпекулации. Веднаш по неразјаснетата смрт, новинарите побрзале и се натпреварувале кој повеќе да пласира измислици за неговиот живот и неговиот трагичен крај. Неговиот лик предизвикувал еуфорија меѓу тогашната младина и последните стихови:
„Во овој живот не е ново да се умре / но 10 и да се живее не е ново исто така“, според Мајаковски, многумина довеле до нож и револвер.
Наспроти новинските измислици и лажните пријатели,се јавиле и оние, вистинските пријатели, кои за време на неговиот живот не го следеле по кафеаните и не се гостеле на негова сметка, но длабоко ја чувствувале неговата поезија и се ставиле во заштита ликот на поетот. Еден од нив е и Борис Пастернак, кој во една пригода ќе запише: „Воедно Есенин беше жив, артистоиден дамар кој заедно со Пушкиновиот го викаме виш моцартовски принцип, моцартовска стихија“. И ќе додаде: „Есенин кон животот се однесуваше како кон бајка. Тој, како принцот Иван го прелета океанот на сивиот волк и како жар-птица се фати за опашката на Исидора Данкан. И песните ги пишуваше како во бајка: де ги составуваше пасијансите од зборови како од карти де ги запишуваше со крвта од срцето.
ОД „КАФЕАНСКА МОСКВА“
***
Овде пак се тепаат, плачат и пијат.
На хармоника јадот си го лечат.
Де ја споменуваат московска Русија
Де поразите в душа што ги печат.
Со очи замаглени од испиени вина,
И со глава што ми се клати тешко,
Да не ѝ ѕирнам в лице на мојата судбина
Си мислам дал сум сторил грешка.
За навек по нешто губиме сите.
Мој мају син! Јунски утра сини!
Зар затоа реа од трупот се шири
Над тетеравата толпа пијани.
Ах, Русите нешто денес слават.
Ракија се разлева како река.
Хармоникашот со крвава глава
Им пее песни за Волга и Че-Kа.
Во секој поглед некое зло се крие
Зборовите им се гргорливи гласни.
За овие улави момци жал ми е
Во лудост што животот ќе им згасне.
Жал ми е што ги излажа сите
Овој октомври в снег завиен.
А веќе се остри со нова сила
Нож в чизми вешто скриен.
Патот невидлив кај ве оддалечи?
Нашата светлина нели ве заслепи?
Свирачот со алкохол сифилис лечи
Што го добил во киргирските степи.
Нив нема да ги збришеш без трага
Нивната грубост им е ко гнилеж адска.
Ти Русијо, Ру…си…јооо драга…
Земјо азијатска!
Есенин со Исидора Данкан
***
Свири хармонико. Здодевно… Здодевно…
Прстите на хармоникашот се в заносен виј.
Пиј со мене кучко бедна.
Со мене пиј!
Те љубеа грубо, ти гребеа коленици –
Неподносливо, диво.
Зошто си посинета од тие блуеници?
И со лице горчливо?
Небаре плашило во градината си,
Што плаши врани.
Со твоето присуство ме мачиш ти
Од сите страни.
Свири хармонико. Свири ситно, ситно
Пиј кучко бесна пиј.
Нејзе да ѝ ѕурам во цицките ненаситно –
Поглупава од што си ти.
Ти не ми си прва жена што сум ја пробал.
Многу сум имал ко вас.
Но со ваква кучка полна злоба
Прв пат сум јас.
Де ваму де таму, слушај, вревата е сè појака.
Ми ги враќа болите.
Но мојот живот јас нема да го завршам така.
Оди по ѓаволите.
Да се оладиме од глутницата ваша кучешка
Небаре сме невини…
Мила гледај, јас плачам, тече солза жешка
Извини…извини…
***
Уште една мерак мене ми остана:
Прстите в уста – и свиреж силен.
Ме бие лош глас од сите страни –
Хулиган сум и бесрамник немирен.
Ох! кавков е овој смешен вртлог.
Каква смешна мака врз мене се сви.
Срам ме фаќа што не верував во Бог.
Што не верувам уште – јад ме вие.
Моето злато е в далечини дални!
Сè согорува в секојдневна ека.
Ги ругав скандалите фатални.
Но нова свтелина не ќе дочекам.
Поетот има дар – милува и шкраба.
Кобен печат носи на своето чело.
Да венчам бела роза со црна жаба
На замјава најголемо ќе ми е дело.
Нека фатат сите мисли в невид
Од моите минати розови дни штом
Во душта гнездо свил секаков привид.
Значи на ангелите таа им била дом.
Таа е меракот што ми остана.
Таа е меракот што ми мати свест,
И кога ќе заминам на друга страна
Еве за луѓето покрај мене гест:
За гревовите сите мои што венам,
За неверувањето и милоста за нас
Во кошула руска ставете ме мене
Пред иконата на смртниот ми час.
Славе Ѓорѓо Димоски до денес објавил над 20 одделни поетски книги од кои 5 за деца, осумнаесет оделни поеткси книги му се објавени на други јазици, а одделни песни и поетски циклуси преведени се на над триесет јазици. За неговата поезија напишана е едена есеистичка книга, а во Италија одбранет е магистерски труд.
За својата поезија повеќекратно е наградуван во земјава и странство, а меѓу наградите се „Браќа Миладиновци“ на СВП, „Ацо Шопов“, „Сергеј Есенин“, „Гран-при на европската поезија, и двапати на охридскато највисоко признание “Св. Климент Охридски, патрон на Охрид“, еднаш за особен придонес во подемот на Охрид и еднаш за животно дело.
Пред две години во нашата Библиотека на посебен настан беа одбележани два големи јубилеи: 60 години живот и 40 години активно творештво.
По тој повод во издание на ПНВ Публикации од Скопје излезе книгата „Гравири – 40 години отпосле“, репринт изданието е проследено со нови критички согледувања од Венко Андоновски и Димитар Пандев.
Димоски е идејниот творец и на манифестацијата Поетска ноќ во Велестово.
НУ Библиотека – Охрид