9 март, 2021 г.
Почесниот конзулат на Руската Федерација во Охрид во соработка со НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, по повод 8 Март организираше онлајн предавање посветено на руските писателки и поетеси за деца Агнија Барто, Елена Благинина и Ирина Токмакова, чии дела и до ден денес ги учат децата и возрасните на добрина и разбирање, ги развиваат имагинацијата и умеењето да се види прекрасното. Предавањето го одржа д-р Елена Обухова, соработник во Почесниот конзулат.
АГНИJA БАРТО
Вo февруари се навршија 115 години од раѓањето, а наскоро се навршуваат и 40 години од смртта на најпознатата советска детска поетеса – Агнија Барто (17 февруари 1906 – 1 април 1981), за која често велат дека е „врсничка на сите деца“. И тоа е вистина. Неколку генерации на руски деца знаат напамет многу стихотворби на поетесата.
Родена е како Агнија Љвовна Волова. Барто е презимето на нејзиниот прв сопруг, исто така поет за деца, Павел Барто.
Агния Барто учела во престижна гимназија, знаела странски јазици, но својата иднина не ја гледала во литературата, таа мечтаела да стане балерина, но откако целата балетска трупа заминала во емиграција, Агнија ја оставила таа идеја и се посветила на поетското творештво.
За време на Големата Татковинска војна семејството на Агнија Барто било евакуирано во Свердловск (Екатеринбург). Поетесата пишувала стихови, статии, прегледи со воена тематика. Еднаш ѝ дошла идеја да напише дело за децата и младинците кои работат во фабриката. Тогаш Барто изучила стругарски занает у се вработила во фабриката благодарение на што се појавило делото „Доаѓа ученикот“, посветено на децата и нивната напорна работа во годините на војната. Добиената парична награда таа ја дала за производство на тенкови.
И покрај големата лична трагедија која ја доживеала поетесата – нејзиниот син трагично загинал на 5 мај 1945 година, пред самиот крај на војната – Агнија Барто успеала да се соземе и да ја совлада болката. Наместо да се затвори во себе таа започнала бурна општествена дејност.
Во 1947 година Барто ја напишала поемата „Звенигород“ за децата-сирачиња од војната. Меѓу писмата од читателите имало и едно писмо од жена која била разделена од ќерка ѝ. Барто им го предала писмото на стручњаците кои се занимавале со барање на исчезнати луѓе и благодарение на тоа мајката и ќерката се пронашле една со друга.
После тоа Агнија Барто решила да организира радиоемисија „Да се најде човекот“, во која читала писма од луѓе кои ги изгубиле своите блиски за време на војната. Таа радиоемисија успеала да им помогне на стотици семејства. Дури после 8 години постоење на емисијата реката од писма почнала да се намалува. И тогаш излегла книгата „Да се најде човекот“, во која се содржани записи од дневникот на Агнија Барто и највпечатливите лични судбини на луѓето.
Поетесата е наградена со мноштво награди и премии, од кои најнеобична е полската награда – „Орден на насмевката“, награда за оние кои им носат радост на децата.
ЕЛЕНА БЛАГИНИНА
Елена Александровна Благинина (27 мај 1903 — 24 април 1989) — руска советска поетеса и преведувачка, пишувач на мемоари, член на Сојузот на писатели на СССР.
Родена е на 27 мај 1903 год. во селото Јаковлево (денес Свердловски реон на Орловската област) во семејство на железнички службеник. Во периодот 1913—1922 година учела во Курската Мариинска гимназија и во Курскиот педагошки институт. Во 1923 година заминала за Москва. Објавувала стихови од 1921 година. Во 1925 година завршила студии на Високиот литературно-уметнички институт окончила „В.Ј. Брјусов“ во Москва. Неколку години работела како дописник на весникот „Известија“.
Од 1933 година Елена Благинина е постојан автор, подоцна уредник на детските списанија „Мурзилка“ и „Затејник“. Во 1936 година излегле од печат нејзините први книги за деца — „Есен“ и „Садко“.
Таа исто така пишувала и стихови за возрасни од кои повеќето биле отпечатени дури по смртта на поетесата и по распадот на СССР. Книгите со поезија, приказни и преводи на Благинина (преку 40) секогаш биле многу ценети. Писателот Корнеј Чуковски стиховите на Благинина ги нарекувал „чисто злато на поезијата“.
Благинина исто така преведувала детска поезија, најмногу на Л. М. Квитко, Т. Г. Шевченко, Ј. Тувим, приказни на М. Конопницкаја — од 1938 година има преведено преку 30 книги. Со почетокот на Големата Татковинска војна во творештвото на Благинина се појавува воената тематика, со која писателката продолжила и во годините по војната како знак на признание и благодарност и во спомен на загинатите во војната. Во 1940-те години Елена Благинина станува една од водечките писатели за деца во СССР.
Елена Благинина починала на 24 април 1989 година во Москва.
На 27 декември 2018 година со решение на Свердловскиот реонски Совет на народни пратеници на иницијатива на Орловската обласна организација на Сојузот на писатели на Русија била востановена Годишна отворена награда за литература „Елена Благинина“.
ИРИНА ТОКМАКОВА
Ирина Петровна Токмакова (родена Мануко́ва; 3 март 1929 — 5 април 2018) — советска и руска писателка за цеца, автор на образовни повести-сказни, стихотворби и пиеси за деца од претшколска возраст, автор на класични преводи на англиска и шведска народна поезија. Добитник на Државната награда на Русија за литературни дела за цеца и млади (за книгата „Среќен пат!“). Сопруга на ликовниот уметник – илустратор Лев Токмакова.
Родена е во Москва. Татко ѝ Петар Карпович Мануков (Перч Карапетович Манукјан), ерменец, бил електроинженер, мајка ѝ Лидија Александровна Дилигенскаја, русинка, од свештеничко семејство, била детски лекар, раководела со дом за напуштени деца.
Уште од детството пишувала стихови, но сметала дека нема литературни способности и затоа ја избрала професијата лингвист. Во 1953 година завршила филолошки факултет на Московскиот државен универзитет, студирала на постдипломски студии по општа и компаративна теорија на јазикот. Истовремено работела како преведувач.
Поетските творби на Токмакова се предвидени за слуховно восприемање затоа во нив е изразено фонетското доживување, со чести синтаксички, смисловни и лексички повторувања. Мотив кој често се среќава во творештвото на Токмакова е мотивот на тишината кој на свој начин ја дополнува динамиката на другите нејзини поетски творби.
Извонредната преведувачка, поет, автор на прекрасни книги на деца починала на 5 април 2018 година на 89 годишна возраст.
НУ Библиотека