24 декември, 2020 г.
Жири комисијата за доделување на наградата „Григор Прличев“ што НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид ја доделува за најдобра поема во ракопис во 2020 година, во состав: Маја Јакимовска-Тошиќ (претседател), Славчо Ковиловски (член) и Весна Мундишевска-Велјановска (член), на својот заеднички состанок одржан на 21.12. 2020 година едногласно ја донесе одлуката за избор на најдобра поема за 2020 година, при што како највисоко рангиран го посочи ракописот „Капетаните“ под шифра „Мисија“.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Поемата „Капетаните“ под шифра „Мисија“ претставува еден вид посвета на Прличевиот поетски подвиг, конструирана низ своевиден паралелизам преку композициска, структурна, поетичка и содржинска аналогија со поемата „Сердарот“ на Прличев. Содржински и структурно се работи за целина, обединета околу централниот настан (погибијата на главниот јунак капетанот Бојан и единствен син на скршената мајка Пејка, како аналогија на настанот и на ликовите со Прличевите Кузман Капидан и Неда), која композициски достигнува цврсто интегративно рамниште. Дејствителните сегменти се поделени во осум ненасловени делови. Во поемата се согледува суптилноста на авторот/ката во разоткривање на тематската целина, која комуницира со Прличевата поетска постапка уште со воведот најавен во духот на словенската антитеза, што се протега низ првите четири катрени во 16 стихови, понатаму во еднаквиот број на испеани стихови – 912 кои се поклопуваат со бројот на стиховите во „Сердарот“, римувани претежно вкрстено и паралелно иако не секогаш крајно доследно. Истовремено иако се работи за современо случување (низ проекција на воени дејствија во Авганистан, Кабул и зачмаеноста на изгубеното и испразнето село во Македонија – Марул), постои своевиден паралелизам со историското време, со сите предизвици и дилеми на еден безусловно впишан хероизам „по секоја цена“ во одбрана на незаштитените и слабите, со судбинските проклетства и завојувања, во кои ги препознаваме универзалните димензии на човековата алтруистичка потрага по хуманоста и истрајноста, во моралната доследност како херојски чин на јунакот (Капетанот). Исказот е лирски сугестивен и хармоничен, згуснато сензитивен и напати спокоен како пред злокобна најава, но истовремено пронижан со интензивната динамика на случувањата. Со посредство на исказот во кој умешно се редат зборовите во стиховните дијалози, истовремено се редат и случувањата поврзани со херојството и смртта на капетанот Бојан и неговата храбра сопруга со иста трагична судбина, за нивното болно оплакување од страна на скршените мајки, од соборците и од почитувачите на нивниот подвиг. Авторот/ката со прокламираните пораки во поемата „Капетаните“ и со примената на поетичкиот паралелизам, ни овозможува поетско разоткривање на универзалните историски и современи (конфликтни) состојби во светот, поврзани со човечките борби и страдања, со истрајноста и моралноста како прокламиран херојски чин, со жртвата за хуманистичкото изедначување во однос на човековите права за достоинствен живот, љубов и слобода.