12 декември, 2020 г.
Денеска во Охрид во 89 година од животот почина поетот и писател Видое Видически од Охрид.
Слободно може да остане запишано дека Видически уште за време на животот остави зад себе силен печат како неодминлив автор и хроничар на градот Охрид преку пишаната реч.
Јавноста во земјава и надвор од неа ќе се сеќава на неговото богато творештво врзано за Охрид но и како на познат општественик и основач на низа институции од областа на културата во Охрид и регионот.
Видое Видически е роден во Охрид, во 1931 година. Зад себе има богат и разновиден опус како поет, раскажувач и драмски автор. Во поезијата дебитираше со стихозбирката „Сини питоми утрини“ во 1959 година. Потоа ги објави поетските книги „Вечерен пејзаж од градот“, „Песни за потопот“, „Кажување на задоцнетиот пророк“, „Вие“ и „Биље крај езерото“,стихозбирка „Новите дотеци“. Ќе остане запаметен по романите за деца: „Големата шума“, „Цревните рози“ како и „Таинствени води“, ТВ серијата „Големата шума“.
Неговата поезија преведувана е на италијански, француски, руски, турски и романски јазик. Автор е на збирката раскази „Заробеници на вечерните игри“ и на драмите „Бреговите се немирни“ и „Балада за орканата“.
Бил основач и прв директор на Радио Охрид, директор на Домот на културата во Охрид, еден од основачите на „Охридско лето“ и негов раководител, како и покренувач на манифестацијата „Прличеви беседи“.
Еден период бил и вршител на должноста директор на тогашната Градска а сега НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.
НУ Библиотека „Григор Прличев“ во февруари 2019 г. го прогласи Видически за почесен член на Библиотеката
За своето творештво е добитник на низа признанија, меѓу кои Наградата на РТС на Струшките вечери на поезијата, Наградата за најдобра книга меѓу два саема, Седмоноемвриската награда на Охрид, и наградата на „Дијалог“ за најдобра поетска книга во 2009 година.
Видое Видически во 2018 година беше добитник на наградата „Книжевно жезло“, што Друштвото на писателите на Македонија ја доделува за поетски опус со високи естетски вредности. Во 2018 година Видически ја доби највисоката општинска награда за животно дело Св. Климент Охридски – Патронот на Охрид.
НУ Библиотека