7 декември, 2020 г.
Македонската православна црква и градот Охрид, со посебно внимание, но и со гордост го празнуваат споменот на својот патрон свети Климент Охридски Чудотворец. И НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид го одбележува овој ден. На наша молба професорката по македонски јазик и книжевност Марија Стрезоска подготви текст посветен на животот и делото на Св. Климент Охридски.
Првиот македонски архиепископ, во исто време и создавач на далекупознатата Охридска книжевна школа, исто така е најзначајниот средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња – црковно, просветно и книжевно, тој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.
Житијата посветени на св. Климент го опишуваат животниот пат на светецот од неговото одење во Моравија, па до крајот на животот. Сепак, според „Пространото житие“ од Теофилакт дознаваме дека уште од млади години го придружувал Методиј, учествувал во подготовките за Моравската мисија, односно во преводите на библиските и литургиските текстови, каде што се здобил со огромно знаење кое ќе биде темел на неговото подоцнежно големо животно дело. Климент во Моравија ги споделувал сите маки и напори со своите учители, св. Кирил и Методиј, за успешно спроведување на Моравската мисија. По смртта на Методиј, во 885 година, за неговите ученици започнале деновите на прогон и мачеништво. Во Моравија се случиле трагични мигови за словенската богослужба и писменост. Таму тие претрпеле големи искушенија, но и ни оставиле доказ како да се истрае во искушенијата. Климент, Наум и Ангелариј дошле во Преслав кај царот Борис, кој покажувал интерес за вакви луѓе поради потребата од ширење на христијанството на словенски јазик. Климент не останал во бугарската престолнина, туку бил испратен во областа Кутмичевица (денешна југозападна Македонија). Причина за тоа, според проф. Блаже Конески, е несогласувањето на Климент да ја прифати кирилицата, азбука што била во употреба на бугарскиот двор. Тој сакал да ја шири словенската писменост со глаголицата што ја создал неговиот учител св. Кирил.
По доаѓањето во Охрид, со посебна грижа веднаш се зафатил со устројување на областа која му била доделена. Тука, како еден од најистакнатите ученици на светите и Кирил и Методиј, достојно го продолжил нивното дело. Може да се каже дека тој повторно ги поставил основите на старомакедонската-словенска писменост, одејќи по стапките на своите духовни отци. Свети Климент проповедал и богослужел на разбирлив народен јазик. За таа потреба, подигнал цркви и манастири и ја основал Охридската книжевна школа, надалеку позната и како прв словенски универзитет на Балканот. Така, Охрид станал црковно и книжевно жариште на македонската, но и на сесловенската писменост. Оваа школа, за период од седум години ја завршиле 3500 ученици, што е сведоштво за огромните напори што св. Климент Охридски ги вложил како учител. Со својата просветителска работа Климент Охридски подготвил четци, ѓакони, подѓакони и свештеници кои продолжиле да ја шират писменоста меѓу Јужните Словени.
По неговото востоличување за епископ Велички во 893 година, покрај него доаѓа неговиот возљубен собрат свети Наум и тој го презема раководењето со Охридскиот книжевен центар. Св. Климент, на оваа должност што ја извршувал цели 23 години, односно сѐ до крајот на својот живот, се претпоставува дека бил назначен повторно од истата причина – како казна што не ја прифатил наредбата од бугарскиот цар Симеон, во Охридската книжевна школа писменоста да ја шири на кирилица. И во Величката област тој развил широка просветителска дејност. Но сепак, за сето тоа време, честопати знаел да дојде во Охрид да се одмори во својот манастир за кој тагувал кога бил далеку од него.
Многу значајна, покрај неговата просветителска дејност, е и литературната дејност. Тој е првиот оригинален словенски автор, кој најголем дел од своите творби ги напишал во својот манастир. Изградил книжевна норма и напишал оригинална проповедничка и хагиографска литература, со што ги поставил основите на Охридскиот книжевен центар, кој го продолжил неговото просветно дело неколку века по него. Бил педагог, плоден писател, родоначалник на црковното словенско беседништво и на словенската литература.
И по неговата смрт во 916 година, Охридската книжевна школа го задржува доминантното место во развојот на македонската писменост. Свети Климент заедно со свети Наум ги зацврстија темелите, односно го продолжија делото на оние кои пред нив ја создаваа и градеа Македонската православна црква и со право таа сега се нарекува Светиклиментова. Нивната плодна дејност на полето на Црквата роди богати плодови, од кои ние и ден денес се храниме.
Свети Климент е светител од општословенско значење, кој многу брзо по неговата смрт бил канонизиран. Денес неговото тело почива во манастирот „Св. Пантелејмон“ во Охрид во гроб што сам си го приготвил. Со неговото име почнува историјата на македонската литература. Со неговото име е поврзана појавата на првиот словенски уноверзитет на Балканот, чиишто ѕидини и денес се извишуваат над Охрид.
„За претворањето на мракот во светлина беа потребни луѓе со апостолски дух и визија за нивните дела да го носат универзалниот печат на сечовечките достигнувања. Мисионерската дејност на Кирил и Методиј и нивното епохално дело не би ја имале виталноста и не би ги достигнале денешните размери без нивните ученици, Климент и Наум“.
Марија Стрезоска, проф. по Македонски јазик во СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ – Охрид