22 октомври, 2020 г.
Денеска чествуваме јубилеј-75 години успешен опстој и работа!
Денеска сите ние вработените во оваа установа се поклонуваме пред делото на своите колеги, претходници, на оние кои што пред 7, 5 децении го ставиле темелот на оваа дејност во Прилеп.
Потврдата за почетоците се наоѓа во писмото што на 22 октомври 1945 година, тогашниот управител на библиотеката Димче Најчески, го испратил до Околискиот просветен одбор.
„Другари, после ослободувањето на нашиот град, беше отворено Градско народно читалиште, на иницијатива на неколку другари. Се собра извесен број книги и читалиштето почна редовно да работи. Управата на градската библиотека и читалиште ‘Борка Талески’ наскоро ќе преземе акција за собирање доброволен прилог и книги…“
Оваа е првата народна библиотека, по некогашното народно читалиште „Надежда“, кое функционирало од 1867 година.
Во 1933 година трговското здружение формирало своја библиотека и читална. Формирана била и Трезвена ложа со читална. За време на Втората светска војна, бугарските власти настојувале да го обноват читалиштето „Надежда“ за да ја шират пропагандата меѓу македонскиот народ. На Собранието за обнова, Борка Талески предложил читалиштето да се вика „Гоце Делчев“. Затоа градската библиотека денес го носи неговото име.
На почетокот библиотеката е сместена во просторија зад „Народниот магазин“ (НА-МА) во центарот на градот. Располагала со околу 1000 книги и неколку весници. Подоцна е преместена во поранешната кафеана на Солета, а во мај 1946 година библиотеката е пренесена во просторија наспроти градското пазариште.
Во 1951 година во Прилеп е формиран „Културен дом“, па библиотеката влегува во неговиот состав.
Две години подоцна е вработен и првиот библиотекар со завршено средно библотекарско училиште, нашиот сограѓанин Димче Атанасоски. Тој вршел стручна обработка на книжниот фонд според тогашните библиотекарски правила и стандарди.
Тоа е време кога библиотеката почна да функционира како вистинска културна институција, во која се создадени и првите информативни каталози и билтени. Веќе во 1955 година, библиотеката се одделува од Културниот дом како самостојна културно-образовна институција, под името Градска библиотека „Борка Талески“.
А, во 1961 година е преместена во подобри простории во куќата на доктор Шајкар, зад „Градските кина“, добивајќи статус на матична бибиотека за подрачјето на општина Прилеп.
Пред новите предизвици, оваа установа има обврска да се грижи за развојната политика на библиотечната дејност во општината и да дава стручна помош на сите библиотекари во училишните и специјалните библиотеки.
Во 1984 година на „11 Октомври“ – Денот на востанието на македонскиот народ, свечено се пуштени во употреба новите простории на библиотеката, во блокот „Ц“ од објектот на домот на култура „Марко Цепенков“.
Тогаш установата располага со одлични услови, за својата дејност. Така што се отвора за деца од претшколска возраст, а се одржуваат и курсеви по англиски јазик.
Нејзиниот богат библиотечен фонд го користат голем број читатели, од општинава и пошироко.
Денес Јавната општинска установа „Борка Талески“, брои преку 130.000 книжни единици. Роднокрајна збирка од над 3000 дела, книги, монографии, раскази, речници, весници, збирки … И раритетна збирка со над 1000 библиотечни единици.
Во оваа установа работат 18 почитувачи на книжевноста, заштитници на македонското книжевно наследство и светско литературно творештво.
Во одделот за деца, одделот за возрасни и во стручниот оддел се врши набавка, обработка, чување, издавање на овој респектабилен библиотечен фонд на преку 10.000 членови- корисници на нашите услуги.
Вредноста на библиотечниот фонд создаван со децении е повеќе од 25 милиони денари.
И во овие тешки времиња на пандемијата предизвикана од „корона“ вирусот, нашата установа е постојано посетувана од читателите. Ако во март имавме и до 700 посетители дневно, овој месец доаѓаат и над 200 членови на двата пулта: за деца и возрасни.
За жал читалните не можеме да ги отвориме и ставиме во функција, бидејќи овие сложени услови не ни дозволуваат да ги сервисираме и овие услуги за нашите читатели, корисници, за нашите сограѓани.
Со надеж и огромна желба заедницата да се избори со пандемискиот корона вирус, најавуваме дека сите наши планирани активности во чест на јубилејот ќе ги одложиме следната година.
-Промоција на монографија со наслов: 75 години ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“-Прилеп;
-Библиотекарството во Прилеп, историски развој;
-Промоција на Зборник на творби од прилепските современи автори;
-Промоции на најновите дела на членовите на Клубот на литературни творци од Прилеп;
– Конкурси за: „Најдобар рецитатор“, „Автор на најдобра лична творба“, „Краснопис“, „Најдобар библиотекар“;
-Доделување на плакети на најредовни читатели во двата оддела;
-Доделување платеки за најистакнатите соработници на установата, меѓу нив поранешни и вработени во моментов, кои што оставиле белег со својата работа;
-Изложба на дела од раритетната поставка;
-Изложба на дела од сопствена продукција;
-Изложба на дела од роднокрајните автори;
-Изложба на изданија на весникот „Народен Глас“,
-Изложба на други списанија и дробен печат кои што се дел од поставката на нашата установа;
-Организање на продажен саем со издавачките куќи;
-Литературни читања, ораторски вечери, матинеа …
На разни сцени во центарот на градот, на периферијата, Могилата на непобедените, во амфитеатарот во населбата „Варош“ … со цел книгата да ја доближиме до сите граѓани, сите возрасти, да чествуваме заедно.
Бидејќи чествувајќи го овој јубилеј, го чествуваме делото на нашите сограѓани, втемелувачи на македонскиот јазик, литература, граматика, правопис, култура …
Оддаваме почит на Марко Цепенков, Стале Попов, Блаже Конески, Круме Кепески, Борка Талески, Коле Чашуле, Благоја Ристески – Платнар … на сите кои што дале влог во македонската писмесност, култура, литература.
Се заблагодаруваме на сите вас, почитувани наши читатели, кои што сите овие години не поддржувате, ни ја давате својата доверба, со вашите посети, совети, размена на убави мисли, заеднички проекти, промоции, планови, идеи …
Честит да ни е јубилејот! Чествуваме заедно! Зашто ние постоиме за Вас!
НУ Библиотека Охрид