7 септември,2020 г.
Едни во Охрид, други од дома презентираат реферати. Вака во ова ковид време се одржува 47. Меѓународна научна конференција посветена на теми од областа на македонскиот јазик и литература. Што ќе донесе таa?
Научниците лингвисти и теоретичари на литературата чија сфера на интерес е македонистиката, не дозволија короната да го сопре нивниот интерес и дружба. Странците ги нема, но се присутни со реферати. Слично беше и со 53. Летна македонистичка школа. Наместо во Охрид се одржа преку iнтернет и според зборовите на директорката на Семинарот д-р Весна Мојсова – Чепишевска на огромно задоволство поминала одлично и на сите им донесе нови искуства за учење и контакт на далечина. Потешко е, вели таа, јазикот најдобро се учи еден наспрема друг, но собравме сили и успеавме. Се носиме со идејата и меѓу двата семестри, зимава да органiзираме курсеви, имаме кадар, но треба да се решат ред други предуслови. И Семинарот и Конференцијата минуваат во смена на генерациите, ги нема познатите домашни и странски авторитети, но тука е една млада плејада од научници чија животна определба им е проучувањето на македонскиот јазик од сите аспекти. Тие со голем ентузијазам се надоврзуваат на нивните претходници да споделат нови и непознати сознанија за богатството на македонскиот јазик и литература наспрема другите.
Пред еден век починал Цепенков а се родил Јаневски
„Во 1920 умира Марко Цепенков а таа година се раѓа Славко Јаневски. Сто години од смртта на едно големо име кое го одбележува 19 век на македонската литература и култура и Јаневски кој е столбот на нашата пишана реч во 20 и 21 век. Станува збор за два различни модели на раскажувања. Едниот е во духот на народното творештво. Цепенко не е само запишувач туку и обмислувач и автор, Другиот модел е модерниот јазик и познатата посветеност на Јаневски кон Кукулино и големата сага за кукулинци,” објаснува за ДВ д-р Мојсова – Чепишевска.
Д-р Трајче Стамески вели: „Цепенков, релативно доцна започнал со собирачка дејност и интересно е да се спомене дека за тоа бил директно поттикнат од Димитрија Миладинов. Таткото на Цепенков бил еден од изворите за Зборникот на Миладиновци. Димитрија често доаѓал кај нив во Прилеп. И во една пригода Цепенков прашува, зошто му се потребни умотворбите и песните а Миладинов им рекол дека ги собира да останат запишани за навек бидејќи може да се заборават. Како што пишува Цепенков во својата автобиографија таа мисла му влегла во срцето и речиси половина век потоа, тој ја продолжува собирачката дејност. Заминува во Софија, таму му ветиле дека ќе му ги објават собраните материјали, но само мал дел успеал да ги види отпечатени, иако живеел 91 година. Умира во голема беда напуштен и заборавен, погребан е во Софија,“ заклучува Стамески.
Координаторката на секцијата за литература и култура д-р Наташа Аврамоска, вели: „Македонската литература без Цепенков и неговото непроценливо богатство од книжевни наративи кои потоа се покажуваат како продуктивна матрица за современата македонска проза би било далеку посиромашна. На почетокот од седумдесеттите од минатиот век со издавањето на 10 тома од неговото творештво на македонски јазик се појави и пост-модерната кај нас. Како рефлексија блесна и драмата на Горан Стефановски ‘Јане Задрогаз’ која е во дослух со приказните на Цепенков. Тука е и современата претстава ‘Силјан Штркот Шанца’ од Дејан Дуковски во која режисерот Срѓан Јаниќијевиќ го трансформира мотивот и таа има таков одглас меѓу младите и полека станува дел од нашата колективна меморија. Сигурна сум дека Цепенков извршил влијание и врз раскажувањето на Живко Чинго или Петре М. Андреевски,” додава Аврамовска.
Славко Јаневски, вели Аврамовска и во поетското творештво на пример, во „Евангелие по Итар Пејо“ се доближува до фолклорното и митското и древното. Академик Старделов не случано во романите на Јаневски ја гледа парадигмата на развојот на македонскиот роман. Ние се’ уште сме општество кое повеќе прифаќа усна порака отколку некоја напишана. Сведоштвото е значајно, како во приказните. Во ова модерно време најблиску до тоа е современата електронска комуникација која е директна без воведи, туку со реплики, заклучува д-р Аврамовска.
Што е предизвик за современата македонска дијалектологија?
Секцијата за јазик се занимаваше со дијалектологијата – предизвик на 21 век (мост што ги поврзува историските и современите проучувања во јазикот) во лицето на д-р Божидар Видоески и темата 75 години стандарден македонски јазик.
Македонската дијалектологија во 20. век е опишана како генетсколингвистичка дисциплина во која централно место зазема локалниот говор кој се опишува како потполна реализација на системот на мал ограничен простор. Природниот идиом е дефиниран како говор на една социјално цврста, етнички хомогена, затворена и дефинирана заедница, што значи говор на конкретно село или група поврзани села.
Билјана Мирчевска – Бошева од Филолошкиот факултет во Скопје вели: „Ја одбележуваме 100 годишнината од раѓањето на д-р Божидар Видоески , основоположникот на македонската дијалектологија. Со почит, се навративме на сите негови достигнувања и проговоривме за плановите за развој на оваа лингвистичка дисциплина во иднина. Ние сме пред голем предизвик. Во време на постојани миграции и урбанизација тешко е да се најде идеален испитаник во духот на традиционалната дијалектологија. Дебатиравме и за дилемата: Дали современата дијалектологија треба да се занимава и со варијациите што се јавуваат во рамките на природниот идиом, или тоа да ѝ се препушти на социолингвистиката?
Како зборуваат Македонците во Банат?
Во контекст на темата: 75 години стандарден македонски јазик, еден од ретките учесници, присутни од странство д-р Станислав Станковиќ ангажиран во Скопје, Косовска Митровица и Институтот за српски јазик при САНУ во Белград ја одгатна темата: Како зборуваат Македонците во Банат?
Тој брза да ги фати се’ уште живите говорители на Македонците кои по Втората светска војна со Законот за аграрна реформа се колонизирани во тој дел од Војводина. Тие се населени и нивните потомци живеат во Панчево, Вршац и Пландиште. Тоа е четврта или петта генерација родени во Банат. „Со покојната новинарка Лилјана Лазаревска, подолг период истражуваме што тие успеале да зачуваат од својот мајчин јазик. И интересно е дека по истражувањето се докажа дека центарот на Македонците во Србија не е во Јабука, туку во Пландиште. Таму во Пландиште има најмногу иселенци од Мала Преспа а тие најдолго успеале да го сочуваат вистинскиот, најчист мајчин, македонски јазик. За жал најголемиот дел од младите Македонци во Србија го разбираат македонскиот но не го зборуваат“, заклучува Станковиќ.
Автор: Милчо Јованоски
Извор: Дојче веле на македонски јазик