×

Преведи ја страницата

Во НУ Библиотека „Григор Прличев“ роденденска изложба на книги

7 октомври, 2019 г. 

Oд утре па се’ до идниот понеделник НУ Библиотека „Григор Прличев“– Охрид во Прличевата одаја во рамките на проектот: „Роднокрајни автори родени во октомври“ ќе изложи дела од академик Миле Миќуновиќ и од Блаже Тренески, писател и поет и собирач на народни песни и обичаи.

blaze i mile

Миле Данило Миќуновиќ, доктор на медицински науки, професор, специјалист по урологија, е роден на 12 октомври 1951 година во Кичево. Основно и средно образование завршил во Охрид, а Медицински  факултет во Скопје во 1978 година. По дипломирањето, се вработил во Специјална болница за ортопедија и трауматологија “Св. Еразмо” – Охрид, од каде што се пензионира. Усниот  докторски испит го положил во 1992 година, а на 7 мај истата година на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Белград јавно ја одбранил и докторската дисертација “Можности за подобрување на лекувањето на неврогената дисфункција на долниот уринарен тракт кај спинални повреди” и се стекнал со титула “доктор на медицински науки”. Од март, 2018г.  тој стана акдемик, член е на Европската академија на науките и уметностите во Салцбург – Австрија.

Академик Миќуновиќ  во неговата докторска фела е познат по 400 научни и стручни трудови, 10 универзитетски книги  над 50 колумни во дневен печат и стотина популарни статии напишани на веб порталот Доктори мк.

Зад него веќе има 105 книги а во нашата библиотека пред очите на јавноста деновиве ќе бидат изложени 15 книги објавени во последниве две години а на кои издавач е токму НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.

Блаже Тренески е роден на 12 октомври 1931 година во село Врбјани, Дебрца Охридско во земјоделско – печалбарско семејство.Основно образование завршил во родното место, прогимназија со полуматурски испит во село Белчишта, а средно медицинско училиште во Скопје. Работел како медицински техничар во општина Белчишта и тоа како: раководител на амбуланта, раководител на аптека и во исто време бил санитарен инспектор за училишните млечни кујни. Потоа се вработува во Домот за народно здравје во Струга. По една година доаѓа во Охрид и се вработува во Општата болница  како главен медицински техничар во Детското одделение во кое останал до пензионирањето.

Творечките почетоци на Блаже Тренески датираат од 1952 година кога му е објавена песната „Болна Неша“ во списанието „Народно здравје“. Истата година песната е презентирана во Здравствената народна читанка а во следната 1953 година во „Здрав народ“.

Во 1974 година од печат излегува неговата прва стихозбирка „Од виолината на штурчето“ во издание на „Развиток“ при „Битолски весник“.  Во 1981 излегува неговата втора стихозбирка наменета за деца под наслов „Месечеви насмевки“  во издание на „Детска радост“од Скопје. Во интервалот од 1990 до 1992 година Тренески пак е во детски фазон. Ги создава и објавува стихозбирките:„ Фенерчиња“ и „Крилати фенерчиња“. И двете се во издание на Радио Охрид. Блаже Тренески е преведуван и препејуван  на албански и турски јазик. Застапен е заедно со уште четриесеттина  автори во антологијата „Луле“ на албански јазик.  Во архивата на нашата библиотека стои запишано дека творбите: „На овоштарникот на дедо ми“  и „Октомври, ветерот“ се објавени во 1990 и 1993 година во списанието Другарче.

Тренески е познат и како собирач на народни песни од охрдискиот крај. Првата книга од оваа област ја издава во 1975 година  „Подгорум село соборно“, во 1987 година излегува од печат книгата „Заѕвекоти ѓерданчето“. Во 1981 ја издава „Стојна ситноода“  а во 1984 година „Под сенка седат златари“ . „До каде одат земја се тресит “ објавена е 1986  година.  Збирките народни песни од охридскиот крај „Калина киска Невенова“ и „Пролетало мејче огноито“ се издадени во 1989 и 1993 година кај издавачот „Студентски збор“ – Скопје.

За својата плодна собирачка дејност Блаже Тренески е добитник на Седмономевриската награда на град Охрид за книгата „Стојна ситноода“ во 1982 година. Творечкиот и животен пат на Блаже Тренески згаснува во Охрид на 1 мај  2015 година.