За континуитетот на македонската книжевност постојат објавени студии, за него станува збор и во пошироките и општи книжевно – историски теми, во врска со кои се организирани и разновидни научни средби. Уште во почетокот сметаме дека тој континуитет постоел, се разбира, не секогаш во задоволителна мера, а често во оние наши најтешки судбоносни периоди кога Македонија ја доживувала судбината на покорена земја, а тоа не било така ретко, како навидум тој да исчезнувал.
Ако ги започнеме разгледувањата и етапите на најстарата македонска традиција, почнувајќи со најзнаменитиот ученик на првопросветителите Кирил и Методиј – Климент Охридски, несомнено ќе заклучиме дека таа се одржувала кога во поголема мера, кога во најнужна и единствена само искрична пројава, но која никогаш не згаснала наполно. Во одредени периоди општествените и економските услови на македонскиот народ биле до толкава мера загрозувачки што несомнено, кога и егзистенцијата на народот доаѓала во прашање не би можеле да очекуваме некаков целосен увид во соодветното творештво, особено ако тоа се движело по маргините на најпериферните и најоддалечените скромни манастирски центри, претежно сместени во најнедостапните планински места.
Вакви примери не во мал број нудат вековите од долгогодишното турско владеење на Македонија меѓутоа, иако настапуваат празнини во следењето на нашето потрајно средновековно книжевно минато, во одредени моменти, зачуваните ракописни словенски или несловенски текстови, очевидно недвосмислено говорат за зачуваната традиција, особено на делата кои содржеле трајна уметничка и книжевна вредност, се разбира, со нив и личностите што ги креирале.
Од Климента не се зачувале од далечниот IX и X век најважните книжевни состави, неговата опширна хагиографија на словенски јазик, а за која индиректно дознаваме дека била составена. Меѓутоа, во XI век оваа светла пројава од IX и X век ја обелоденува охридскиот архиепископ Теофилакт, по потекло Грк, што е дури и мошне значајно, бидејќи не можел да ја одмине Климентовата слава. И не само што не ја превидел туку и ја обновил. Истото тоа ќе го повтори охридскиот архиепископ Хоматијан дури во XIII век. Понатаму, разбирливо, со продорот на турската сила на Балканот замира засилената продукција развиена под влијанијата на византиските правци во книжевноста и уметноста. Меѓутоа, во првата половина на XVIII во Москополската печатница никнуваат изданијата со значајни содржини, меѓу кои и грчката Аколутија со житија и служби за Климент и Наум Охридски, составени од охридските архиепископи: Хоматијан, Кавасила, Григориј, охриѓанецот Козма – драчки митрополит. Овие автори оставиле за нив значајни канони, тропари, кои се распространиле во разновидни зборници, од кои некои се зачувале а некои исчезнале. Во XIX век нашите преродбеници ќе придонесат да се продолжи континуираната нишка во акцентирањето на значајните личности од нашето подалечно минато. Со полниот развиток на славистиката во XX век кога се отцртуваат сѐ повидливо контурите на историскиот и културниот пат на Словените и нивните творештва, акцептирани се доста значајни пунктови од соодветните развојни патишта, кои придонесуваат повеќе хипотези од минатото да прераснуваат во заклучоци, сфаќања.
Во случајов ќе се задржиме врз еден пример на една сјајна беседа на Климент Охрдиски составена во чест на денот на Климента во Охрид. Всушност, Прличев составил две слова посветени на Климента, едното е објавено во Македонски преглед, Софија 1928, IV, кн.2, а другото се наоѓа како автограф во Архивот на Македонската академија на науки и уметности ( Фонд Григор Прличев, II/7). Во овие слова, како и за други Прличеви посветени на Кирил и Методиј поопширно соопштив на симпозиумот посветен на Григор Прличев од кој рефератите веќе се објавени. ( животот и делото на Григор С. Прличев, Скопје 1986, 101).
Во случајов, преку примерот на означеното Прличево слово, кое не е објавено според зачуваниот автограф во МАНУ, имаме цел да го посочиме изворот врз кој било инспирирано, а потоа да ја согледаме и основата на двете слова која се открива во многу подалечното минато од Прличевото и Климентовото време. Насловот на Прличевото слово гласи: „ Азъ сьмь пастир добрьи, и душу свою полагаю за овць своя“. Во уводниот дел Прличев зборува за големата чест и слава што му припаѓа на Климента во Охрид, каде што неговата традиција се задржала континуирано и постојано. Ги истакнуваме неговите пастирски заслуги и грижите што постојано ги има за доброто на „сите Словени“. Тој дословно истакнува: „ Зачтото вси да го честјат и славјат. Заради делата му и благочестијето му, заради страхот Господен, заради грижата что имаше не само за стадото си, туку и за просветение на всите Славјани“.
„Поуката кон епископите и поповите“ е намената за денот 17 декември. Ова значајно Климентово слово припаѓа кон поучителните Климентови слова. Колку на Прличева му било блиско ова Климентово слово ќе го документира оригиналниот текст на Климента преведен на современ македонски јазик:
„На епископите и попот му прилега да ги поучува и упатува луѓето што му се доверени. А тој самиот прв се оттргнува од секакво зло, како што наредува Павле, уште повеќе Христос. Оти е кажано дека епископт треба да е беспорочен како божји пратеник да не си угодува себеси, ниту да се гневи, да не е пијаница и злобен, да не е лаком на дарови, но да е гостољубив и справедлив, да им помага на тие што му се доверени поучувајќи ги со зборови. Да биде моќен утешител во здрава наука, да ги изобличува противниците на верата, самиот во се да дава пример со добро дело“. Во наредниот текст веќе ќе го откриеме и посочениот наслов на Прличевата беседа кој кај Прличева е истовремено и мото на текстот Климент продолжува со својата поука: „Послушајте пастири, оти вам ви се упатени овие зборови! Послушајте, сите што го држите словото божје, послушајте го гласот на старешината на пастирите на великиот Христа, којшто рекол дека: добриот пастир душата си ја дава за овците, а тој што е наивник а не пастир овците не се негови, па ако догледа волк како иде ќе ги остави овците и ќе избега а нив ќе ги разбрка. А од каде излегуваат лошите пци на еретичката наука? Да не се од мрзеливоста или од грубоста пастирска? А од каде се разбојниците и крадците, што чинат гревови и неправди? Од ненакажаноста епископска и свештеничка. Оти, ако сакаат тие да го проповедаат словото божје кога се груби, не го познаваат законот, не ја знаат мерката на законодавците, и многу сакаат дарови, а тоа е второ идолопоклонство. И пак ви велам, послушајте, о пастири, и чувајте го стадото што ви е доверено, поучувајќи го со кроткост и упатувајќи го кон љубов, да не се исполни со вас она што е кажано: „Тешко вам слепи водачи дека го затворате царствотото небеско пред луѓето, ниту самите влегувате, ниту на други им давате да влезат. Послушајте го пастирскиот старешина: без почин учете ги луѓето што ви се доверени“.
Колку Прличев ја сфатил пораката станува очевидно со своевидната обработка, поставена во условите веќе на неговото совремие. Само како споредба со текстот на Климента да го посочиме следниов Прличев текст: „Тој се грижеше за стадото си, како татко за чјадата си. Тој не оставјаше да влезат во стадото му вьци пропагандисти да го мамјат стадото да си трати верата и народноста. Ете зачто се честит и се славит“. Посебен однос во беседата Прличев развива кон народните пастири во чии души не смее да има трага од злоба и лошотија, како што и Климент овие добродетели ги оцртува во уводниот дел од беседата. Потоа Прличев ги апострофира добрите примери на народните пастири, појдувајќи од народната поговорка:
„ Пример добр поправлјава цели држави – пример пастирски је највлијателен, најспасителен“. Притоа Прличев избира вонредни примери, како што е случајот во средновековното беседништво преку кои ненаметливо доаѓа логичкиот заклучок. Првин го дава примерот со царот и неговата придружба. Во овоштарникот царот никогаш не посегнувал да го собере најубавиот плод, бидејќи неговиот пример би го следеле придружниците и бавчата набргу би
опустела. „А ако царот се вьздржи, тога и чјухадарите ќе се вьздржат, и бахчјата је спасена“ – истакнува Прличев. И примерот со царот Александар Македонски е умешно избран. Александар стигнал со војската во одредено место, неверојатно жедни во пустинските краеви, по тешките воени судири. Кога му понудиле само нему вода да се напие, тој ја одбил водата. „А тој кьто помисли оти војската му трпит не посмеа да се напиет но ја истури водата, за да трпит и тој как что трпеха фси, и војската беше принудена даже и дьлжна да прославит ова добро дело, и затова во битвите проливаше крвта си за него без да се обзира назад. Така исто и пастирот когато е добар…“
И во натамошниот текст Прличев се задржува на актуелните пропаганди, особено на грчката, укажувајќи го примерот на црквата што ја градел св. Климент.
И двете слова и од Климента и од Прличева, се засноваат на одредени познати текстови. Не случајно и Хоматијан во петнаесеттата глава од Краткото Климентово житие нагласува: „ Кога настапило времето на неговата смрт (Климентовата) тој ги помешал последните зборови на простување со поуки и напатствија, се помолил на стадото си, кое тажело безутешно и неможело да ја поднесе загубата и лишеноста од добриот пастир, и се преселил со радост при Бога, кого силно го љубел“. Климентовиот живот метафорично може да се претстави најубаво со синтагмата „добар пастир“.
Меѓутоа насловот на Прличевата беседа, како и сличната подвлечена реченица од Климентовата беседа, ја вградиле во себе уште пооддалечената библиска традиција. Имено во нив се открива недвосмислено стихот од Евангелието од Јована: „Јас сум добриот пастир, добриот пастир си ја полага душата своја за овците.“ (Јов. Ев. Гл. X, ст. 11). Дури и деловите за недобродојдените волци водат потекло од новозаветното евангелие: „А наемникот кој не е пастир и кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега, и волкот ги разграбува и распрснува овците. Наемникот бега зашто е наемник, и не се грижи за овците. Јас сум добриот пастир и ги познавам Моите и Моите ме познаваат Мене.“ (Јов. Ев. Гл. Х, ст. 12, 13, 14). Понатаму, мошне карактеристичен е и седумнаесеттиот стих од Јовановото евангелие (гл. Х) : „ Затоа ме љуби Отецот; зашто јас душата Своја си ја полагам за да примам пак“. Очевидно е дека десеттата глава од Јовановото еванглеие го инспирирала Климента, но таа, како и во Климентовото слово му била добро позната на Прличева. Покрај оваа заедничка евангелиска основа на Климентовиот и Прличевиот текст може да се претпостави и друг византиски текст. Оттука, само преку единствен пример на една нишка од далечната традиција, стануваат согледливи врските меѓу трајните творечки вредности, кои во себе носат рефлексии, општочовечки, и кои не се губат низ временски неповратните столетија.
Објавено во Разгледи, бр 1 од 1988 г.
НУ Библиотека