Нечовски: Се радувам што по многу ЦД и ДВД изданија објавив и стихозбирка

Нечовски: Се радувам што по многу ЦД и ДВД изданија објавив и стихозбирка

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 24 Feb 2024

24 февруари, 2024 г. 

Во НУ Библиотека „Григор Прличев“ вчера пред бројна публика беше промовирана стихозбирката „Нотирана поезија“ од охридската и македонска фолк ѕвезда Петар Нечовски – кој зад себе има над 50 годишен успешен стаж во естрадните води.

Стихови од книгата читаше Бети Лазеска – Симоноска 

-Уживајте во оваа колекција на отпеана поезија , текстови инспирирани од различни периоди во мојата богата интерпретаторска кариера рече пред публиката Нечовски за книгата и додаде: – Ноти нема, а е нотирана поезија. Насловот го даде анегдотски кажано познатиот поет Славе Ѓорѓо Димоски.

Но, затоа на крајот на книгата има ЦД и тие се ноти кои може да ги слуша секој. Повеќе од 100 текстови имам напишано за песни кои се отпеани. Од нив одбравме повеќе од 30-тина и ги ставивме во една книга. Оваа оригинална колекција, излезе благодарение на рецезентот проф. д-р Менде Солунчевски кој прв ми пружи рака. За прв пат издавам книга и ми е мило дека наиде на голем публицитет, рече авторот Нечовски.


-Во самата стихозбирка поетот ја опишува љубовта во сите свои димензии и бранувања.Во песните во стих напишани од грло испеани доминира љубовта како универзално човечко и поетско чувство.

Во улога на домаќин и лектор, но и добар познавач на музичката кариера на Нечовски говореше и Милчо Јованоски, директор на охридската Библиотека. 

Книгата е поделена на три циклуси: Песни посветени на љубовта, песни во кои е опеана љубовта кон родната земја и песни со љубов кон семејството, рече рецензентот и промотор на книгата проф. д-р Менде Солунчевски од Битола.

Во текот на промоцијата која имаше интерактивен карактер сосема спонатно за соработката со Петар Неловски говореа неговите колеги и соработници: Митко Кољушевски,  Гоце Џуклески и Љубица Чифлигароска.

Нечовски целиот тираж од стихозбирката го сподели со пријателите, почитувачите на неговиот глас и музички стил.
НУ Библиотека