Библиотеката „Григор Прличев“ достојно му се оддолжи на Патронот

Библиотеката „Григор Прличев“ достојно му се оддолжи на Патронот

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 06 Feb 2024

6 февруари, 2024 г.

Денеска во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид со изведбата на Прличевата „1762 лето“, извадоци од „Автобиографијата“, беседата на д-р Елизабета Шелева и доделувањето на наградата за најдобра беседа на Алма Шемо заврши годинашното издание на манифестацијата „Прличеви беседи“.

ПРЛИЧЕВИ БЕСЕДИ 2024 ВО ЖИВО ОД БИБЛИОТЕКАТА

Честа годинава да беседи за Прличев во рамките на „Охридската визита“ во Библиотеката и припадна на професор д-р Елизабета Шелва од катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет  „Блаже Конески “ од Скопје.

Таа е родена во Охрид и рече дека е посебно горда и почестена што за првпат зборува за Прличев на беседите и тоа на тема: „ Григор Прличев – метонимија на македонската гордост и страдање“.

Прличев, рече д-р Шелева е пример за перфекционизам, потраг, копнеж и непомирливост со ништо друго или помалку, отколку она што е совршено! Поклоник на ултимативната убавина на стихот, зборот, јазикот! Полн со емпатија, сочувство за обесправените од една страна – но и спремен за восхит кон оние, чија доблест тоа го заслужила, од друга страна! Како припадник на првата генерација компаративисти во нашата земја – не можам а со восхит да не се навратам на фактот, дека „Григор Прличев е еден од ретките литературни творци од Македонија што истовремено припаѓаат кон три различни литературни истории“, рече Шелева и додаде:

„Дури и ако отворите на Интернет/Википедија – за Прличев ќе го сретнете следниот запис: „ Прличев, по ген роден во Македонија, пишува поема од македонскиот живот на грчки јазик, главниот херој во епосот Скендербеј му е легендарниот јунак на Албанците, самиот мисли дека ѝ припаѓа на бугарската народност, а детските песни ги објавува во Романија. Тоа е изразит пример на едно балканско, црно рондо, од едно матно време… Така при сета драма во животот, тој во поезијата навестува меѓу првите и една балканска философија за опстанок.“

Конкурсот за  Најдобра беседа охридската Библиотека го распиша по втор пат и со тоа тој стана традиционален. Комисијата во состав: Татјана Дурнева – претседател и Весна Антониеска и Љубинка Михајлоска – членови , професорки по македонски јазик и литература од пристигнатите творби на ниво на цела држава, одлучија за нај беседа да ја прогласат беседата „Како против пизмата?“ од студентката Алма Шемо од Охрид. Професор Дурнева која и’ ја врачи наградата на добитничката, рече:

„ Беседата на наградената авторка, исткаена во вид на поема, претставува личен став кон горливата појава меѓу луѓето што се јавува откако постои светот. Притоа, таа  се навраќа на мислењето на Прличев за оваа негативна особина и неговата борба против неа  и борбата против сите неправди и неприлики меѓу народите . Посочувајќи на неволјите низ кои поминувал Прличев низ својот живот “…

Со доза на возбуда и среќа добитничката Алма Шемо пред да го прочита извадокот од наградената беседа рече: „Денес е денот кога треба да се воздигнеме и да ги  почитуваме достигнувањата на маркантниот Григор Прличев – поет, преродбеник, културен и просветен лидер,  беседник и вљубеник во пишаниот збор. Во темнината на историјата на Македонија, Прличев се истакнува со својата грандиозна мисија, која стои врзана во столбовите на нашата култура. Нека Прличевите зборови бидат благословени, бидејќи тие се нашиот водич, светлина и извор на гордост.“

Извадоци од Автобиографијата читаше гимназијалецот Даријан Ангелоски а песната за Патрикот ја изведоа членови на КУД „Ѓердан од бисери“ од Охрид.

На свеченоста кусо обраќање имаше и правнуката на Григор Прличев- Олга Прличева која вети дека на Библиотеката деновиве ќе и’ подари копија од првата објава на „Автобиографијата“.

Обраќање пред присутните имаше и м-р Милчо Јованоски, директор на Библиотеката кој направи пресек на реализираните – рекордни 23 проекти во 2023 и на уште останатите педесетина други настани финансирани од Министерството за култура,а заслугата за тоа ја препиша на сите вработени во установата.

НУ Библиотека