Роднокрајни автори родени во јануари-Годишнини од раѓањето на Точко и Банар

Роднокрајни автори родени во јануари-Годишнини од раѓањето на Точко и Банар

Posted by Milco Jovanoski in Огледало 15 Jan 2024

15 јануари, 2024 г

Повеќе автори од Охрид  и околината  родени се во јануари. Потсетуваме на имињата на славениците: Григор Прличев, Иван Точко, Видое Видически, Јован Котевски, Трајан Петровски, Славе Банар, Марија Младеновска и Димитар Димоски.

Нивните дела имаат посебно место во нашето Роднокрајно одделение, но и на полиците во Библиотеката и во секој миг можат да се препрочитаат и побараат за да се потсетите или некои од вас за прв пат да се сретнат со нивниот стил на пишување и откривање на нивното творештво во кое централно место има Охрид.

Во просторот пред одделот за зајмување деновиве по традиција поставивме изложба со избор од нивните дела.

На 9 јануари  1914 година во Охрид е роден современиот македонски писател и новинар Иван Точко. Деновиве се навршија 110 години од неговото раѓање и најавуваме дека  нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“ со посебен настан, наскоро достојно ќе ја одбележи оваа годишнина.

Иван Точко литературната активност ја започнал во 1933 година со неговиот прв расказ „Нашиот поет“. Тој  е автор на шест збирки раскази, три драми и две збирки со прозни минијатури: „Бојана“ (раскази, 1953) „Акорди“ (раскази, 1956) „Прстен“ (раскази, 1959) „Раскази“ (1962) „Вино за душите“ (новелети, 1968) „Премиера“ (раскази, 1970) „Грев“ (лирски минијатури, 1971) „Плуто“ (драма, 1972) „Охридска трилогија“ (три драмски текстови – „Под Акропол“, „Робинка“ и „Плуто“, 1974)

Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).

Тој е препознатлив по неговиот уникатен и динамичен стил, а критичарите го нарекувале и последниот македонски литературен романтичар.

Точко е  учесник во НОВ а по војната  работел како новинар во „Нова Македонија“, во Радио Скопје, а бил и уредник на списанието „Македонија“. Починал во Скопје, на 12 ноември 1973 година.

На 5 јануари, годинава  роднокрајниот писател  проф. д-р  Славе Банар го одбележа 70 роденден.

Банар во 1981 година се вработува како библиотекар во Градската библиотека во Охрид , а од 1991 година е избран за  директор на нашата Библиотека. Во 1994 година се стекнал со звањето Виш библиотекар. Магистрирал и докторирал книжевност на Универзитетот во Љубљана.  Активно се занимава со литература. Ги објавил книгите: „Аквариум“, „Златоуст“, „Подземна вода“. Во 2014 година за  поема „Амбар“ ја добива наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема на македонски. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.

НУ Библиотека „Григор Прличев“ е отворена секој работен ден од 8 и 30 до 18 и 30 часот

Годишното членство за возрасни е 300 а во одделот за деца – ученици е 200 денари.

НУ Библиотека