Изложба на пејзажни фотографии во нашата Библиотека

Изложба на пејзажни фотографии во нашата Библиотека

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 11 Oct 2023

11 октомври, 2023 г. 

Вчера во пресрет на 11 Октомври – Денот на народното востание во организација на  НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и Фото клубот „Охрид“ беше отворена изложба на фотографии од Тони Коцев и Ѓорѓи Коцев од Кавадарци.

-Чичкото и внукот Коцеви, првиот во зенитот на креативното творештво  а вториот на почетокот од можната блескава кариера во светот на уметничката фотографија  пред охридската јавност ќе се претстават со околу 15 фотографии преку кои ќе ја покажат убавината на нашата земја, рече на чинот на отворањето м-р Милчо Јованоски , директор на Библиотеката.

Академик Миле Д. Миќуновиќ прогласувајќи ја изложбата за отворена пред присутните рече: – Присуствувате на отворањето на изложбата од авторот Тони Коцев, професионален фотограф од Кавадарци и на коавторот Ѓорѓи Коцев, електроинженер, кој го следи својот чичко како фотограф аматер, исто така од Кавадарци. Основната цел име е развивање и унапредување, промоција и публикација на фотографската уметност, фотографската слика и фотографската техника, а е од општествен и јавен интерес.

Фотографијата е знак на времето. Да се запамети она што не опкружува, за да ги раздвижи, односно да ни остави парче паметење во нашите сетила. Фотографирањето е чин кој не тера да ги забележиме или засекогаш да ги овековечиме предметите, луѓето и состојбите, со еден специфичен поглед за да бидат запаматени и зачувани, како што би сакал да речам, да останат како сведоци за времето што го отсликуваат.

Фотографијата е зрак или одблесок на постојното. Фотографијата е само еден момент на вечност. Затоа таа сама по себе е завршена работа. Она што еднаш е поминато низ фокусот на фотографскиот апарат, веќе во следниот момент не е исто. Затоа со посебна возбуда, за мене, а верувам и за вас, фотографијата би ја нарекол неповторлив момент за паметење.

Светот би рекол дека го движат и прават интересно место за живеење, меѓу другото, информацијата и фотографијата. Фотографијата ја разбирам, како информација, како личен агол на гледање, кој ја има моќта да се претвори во колективен чин на посматрање. Фотографијата ја има моќта да ни ја прикажува вистината, затоа ја прифаќам како сопствен исказ и како стил на изразување.

А впрочем, сите ние тука, драги мои пријатели сме заради вистината. За да ги овековечиме трагите на нашето посматрање видено низ фотографскиот објектив.

Изложените фотографии, колку и да се трудиме да ги прикажеме како колективен чин, сепак тие за мене го носат печатот на лична драма, затоа се и драгоцени сведоштва за она што веќе никогаш нема да биде исто, колку и да се трудиме да бидеме повторливи во намерите.

Прикажаното на фотографиите што се пред вас, сакам да ве извлече од рамнодушноста на погледот, да ви ги разбуди емоциите кон опкружувањето, затоа што ништо не останува исто, времето ги менува и состојбите и впечатоците и погледите.

Според мене, драги мои, Вие присуствувате на чинот на вистината. А утре можеби сè ќе биде поинаку, рече Миќуновиќ .

Настанот со свој настап го збогатија учениците од ОМУ „Методи Патче“ Михаил Стојаноски и Стефан Таштаноски во класата на проф. Филип Гавриловски.

Изложбата во Прличевата одаја на Библиотеката за љубителите на уметноста ќе биде отворена до 16 октомври, секој работен ден од 9 до 14.00 часот.

НУ Библиотека